ВИДЕО | Пендаровски: Отворен Балкан е добра идеја, ама не е алтернатива на ЕУ

Стево Пендаровски претседател на РС Македонија / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски денес ќе појде на средба со претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, по покана од претседателката на  судот, а заедно со премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.

– Ваква постава да биде свикана се случува само на Совет за безбедност. Судијата Кацарска нѐ повика да нѐ информира за тешката состојба во која се наоѓа Уставниот суд. Главниот проблем е што нема доволно судии, а наскоро нема да има ни кворум затоа што уште еден уставен судија наскоро заминува во пензија. Причината за тоа е што имаме блокада на Собранието веќе подолго време, само што е официјализирана од неодамна, а поентата на опозицијата е да има предвремени избори, вели Пендаровски при денешното гостување во Утрински брифинг на Слободен печат.

Тој додава дека претпоставува оти опозицијата инсистира на свои кандидати стравувајќи да не се случи партизација на Уставниот суд.

– Ако опозицијата вели дека ја интересираат интересите на граѓаните, тогаш треба да знаат дека работењето на Уставниот суд е суштината на заштитата на интересите на граѓаните, вели претседателот Пендаровски.

Според сите проценки на НАТО, нема никакви позадински преговори, а камо ли сериозни политички преговори меѓу Русија и Украина. Русија ги држи сите пристаништа, па храната од Украина не може да се извезува. Премиерот на Израел Нефтали Бенет посредуваше да не се прави блокада на извозот на храна од Украина оти тоа е од суштинско значење во светски рамки.

– Никој не предвидува дека за две-три недели ќе заврши војната. Таа ќе трае со поголем или помал интензитет. Деновиве Русија напаѓа 40 украински градови. Нивната намера е да го освојат Донбас, но не во овие граници што ние ги знаеме туку пошироко. Донбас е вон контрола на Киев 7-8 години, но ако сакате да го споите Донбас со Крим тоа нема да биде можно без Одеса. Оттука, очекувано е Путин да тргне на Одеса, но тоа ќе биде катастрофално, вели претседателот Пендаровски.

Контекстот на европските реакции сѐ уште се унисони, но постепено почнуваат да се разликуваат по одредени точки.

– Во однос на ЕУ, ние се придруживме кон сите пет пакети санкции против Русија. Ние сме подготвени да го поддржиме и шестиот пакет санкции чијашто содржина е веќе позната. Но, неколку европски држави се силно против оти се силно зависни од руските енергенси. Тие Европејци имаат сериозен проблем и мора да ги заштитат своите граѓани, но не се про-кремљовски настроени. Ние сме земја со лимитирани ресурси и ќе ја чувствуваме кризата заедно со другите европски земји, вели Пендаровски.

Во врска со нашата позиција во однос на проширувањето, претседателот Стево Пендаровски за Утрински брифинг вели дека е извесно оти бугарското вето ќе остане и дека нашиот пат кон ЕУ ќе стагнира, но дека треба внимателно да се постапува во однос на другите иницијативи за здружување и  соработка меѓу европските земји.

– Во изминативе години имавме преголеми очекувања. Бугарскиот премиер Кирил Петков е осамен лик на политичката сцена на Бугарија. За нас таа приказна е завршена и не моеме да очекуваме промена на позицијата на Бугарија во однос на ветото што го наметна кон нашата земја. Моја проценка е дека Петков се обидува со сѐ што прави да го омекне националистичкото крило во Бугарија. Имаше анкета и кај нас во  која 72 отсто од граѓаните се против договор со Бугарија дури и при услови на зачувување на нашиот идентитет, вели Пендаровски.

Пендаровски потсетува дека има стравувања во врска со Отворен Балкан, чијашто идеја е добра, но постои можност да стане алтернатива на Европската унија, во некој формат каков што предложи францускиот претседател Емануел Макрон, а веднаш беше поддржано од германскиот канцелар Олаф Шолц.

-Ние по 20 години кажување и зборување за ЕУ и НАТО, со кој образ ќе излеземе пред граѓаните и да им кажеме дека еве сега ќе се вклучиме во една нова европска иницијатива. Ние мора да знаеме дали таа иницијатива на Макрон се однесува на Украина, Грузија и Молдавија или нѐ опфаќа и нас, вели претседателот Пендаровски.

Во признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ има два слоја, вели претседателот Пендаровски за Утрински брифинг појаснувајќи дека станува збор прво за постапувањето на СПЦ, за што политиката несомнено го дала своето мислење, а второ постапките на самиот вселенскиот патријарх кој го најави унапредувањето на статусот на МПЦ-ОА.

– Тоа беше чин кој ги надминува балканските постапувања. Тука има и геополитика, вселенскиот патријарх пред некоја година даде томос на Украинската православна црква која беше во иста позиција како и ние до скоро, вели Пендаровски.

Политички турбуленции имаме со месеци, па би се рекло зошто да нема предвремени избори. Претседателот Стево Пендаровски за Утрински брифинг вели дека предвремени избори може секогаш да има и дека тоа е легитимно барање, но се поставува прашањето то ќе се реши со еден таков потег.

– Јас мислам дека предвремени избори нема да решат ништо. Ниту ќе се реши проблемот со бугарското вето, ниту ќе се постигне договор, ниту ќе се решат економските проблеми од кои добар дел се увезени со украинската воена криза. Мене ме интересира што нова политичка структура на власт би донела за граѓаните и државата, вели претседателот Пендаровски за Утрински брифинг.

Проследете го целиот разговор во видеото:

Пендаровски: Војната во Украина долго ќе трае, кризата ќе ја чувствуваме и ние

Пендаровски: По 20 години зборување за ЕУ и НАТО, со кој образ ќе излеземе пред граѓаните да им кажеме дека во игра е нова европска иницијатива?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот