ВИДЕО | Ова е „снус“ што тинејџерите го шмукаат до повраќање: Го купивме во трафика на Рекорд, иако илегално се продава

Екстра-силни ќесички никотин, исто така наречени „снус“ се продаваат во проминентни продавници и на бензински пумпи во одделот за цигари, иако тоа не е легално. „Снус“ станува тренд меѓу тинејџерите, а со себе носи опасност од никотинско труење и висока зависност.
Можеби изгледа дека на оваа снимка регуларно купивме ќесички „снус“ кои што се легално пуштени во промет во државава. Но тоа не е точно, барем според одговорот кој го добивме од Министерството за економија. Продавницата се наоѓа во строгото градско јадро, на една од најфреквентните сообраќајници во центарот на Скопје.
Таму „снус“ е изложен заедно со цигарите. Цената е околу 300 денари, а на опаковката има череп. Името на брендот е „Killa“, а вкусот пишува дека е од боровница. Продавачот ни рече дека има и од цитрус, ментол и други вкусови. За „снус“ ни даде фискална сметка. Беше тоа една навидум вообичаена продажба.
Но, кога фотографијата од производот заедно со прашањата дали увозникот има дозвола да го продава овој производ ги испративме во Министерството за економија, оттаму добивме одговор дека производот се продава илегално. Во центарот на Скопје. Во една од највидливите трафики. Го има и на бензински пумпи.
„Во конкретниот случај, фирмата НОВА ГРУП ДОО Скопје, воопшто не е регистрирана во Регистарот на производители, извозници и увозници што го води Министерството за економија. Тоа значи дека не смеат да вршат увоз на овие производи кои според законот се третираат за сродни тутунски производи. За да може да врши увоз на тутунски производи, фирмата е должна трговската марка на тутунскиот производ да ја регистрира во Министерството за економија согласно член 51 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи. Досега фирмата нема регистрирано трговска марка на тутунски производ за увоз и пуштање во промет“, ни одговорија од службата за односи со јавност при Министерството за економија.
Одговорност да реагира за ваквите илегални продажби на „снус“ има Државниот пазарен инспекторат.
„Ако фирмата продава тутунски производи без да поседува Решение за упис во регистарот за трговски марки на производи од тутун, Пазарниот инспекторат ќе донесе решение со кое ќе се забрани пуштање во промет производи од тутун и сродни производи и привремено ќе ги одземе ако увозникот не е запишан во регистарот на марки“, ни рекоа од Министерството за економија.
Од Царинската управа добивме молк. Како влегле овие производи на граница? Зошто никој не ги забележал досега иако „боделе очи“ во најпосетените тобако продавници и бензински пумпи? Се премолчува ли бизнисот што во Европската Унија од 1992 година е предмет на дебати зашто „снус“ содржи многу никотин, а се продава во пакувања и со вкусови кои прават мимикрија на безопасност и „бомбони“?
„Снусот“ стана тренд меѓу тинејџерите, докторите предупредуваат за опасностите
„Слободен печат“ разговараше со повеќе тинејџери кои потврдуваат – снус за нив не е ништо ново и е доста популарен производ. Но опасноста од снус според токсиколозите е во тоа што може да доведе до никотинско труење. Станува збор за никотински производ во тркалезни кутии спакуван во малечки ќесички. Овие ќесички содржат многу големо количество никотин и водат до висока зависност. Само една ќесичка од тие што ги купивме за потребите на овој текст, има 13 милиграми никотин. За споредба една цигара има 0.7 милиграми никотин. Значи, само една ќесичка е еквивалентна на 15 обични тенки цигари.
Местата каде што се продава „снус“ се екстремно отворени и регуларни што остава впечаток дека станува збор за легален производ. Дури има и отпечатена декларација на македонски јазик, што е задолжително за сите производи во продажба. Производот е извезен од Данска. Правиме обиди да ја контактираме и фирмата увозник од Македонија, но засега без успех.
Доктор Нико Беќаровски, токсиколог и долгогодишен лекар од Клиниката за токсикологија на Клинички Центар „Мајка Тереза“ за „Слободен печат“ вели дека никој досега во болнички услови не дошол да каже дека конзумирал „снус“ и дека му е лошо од тоа, што не значи дека не се случило. Последиците од овој производ според доктор Беќаровски се манифестираат како класични симптоми на никотинско труење.
-Лабораториски и токсиколошки не може да го детектираат. Дали има вакви случаи? Веројатно има, со оглед на тоа што го има во сите околни држави. Станува збор за концентриран никотин кој се лепи на забите. Симптомите би биле главоболки, повраќање и еден вид на никотинско труење, со оглед на тоа што се работи за високи количини никотин, проследени со вртоглавици, малаксаност и зуење во ушите, изјави д-р Беќаровски за „Слободен печат“.
Разговаравме и со тинејџерка која сведочела како реагираат нејзините врсници што го користат овој производ кој е релативно евтин, околу 300 денари и многу достапен иако во државава одамна е забранета продажбата на цигари и алкохол за малолетници и тоа е казниво со закон.
-Се става на забите ќесичката и пече. Ги има поделени по јачина. Едно пакетче е еквивалентно на неколку цигари, може да е и како 20 цигари. А некои ставаат по 6 одеднаш и лошо им е, им се врти многу. Сум била во ситуација кога излегуваме да го има. Може и да се онесвести, зависи кому како му делува. За секој што ќе проба, првиот пат му е најлошо а после се навикнува. Велат дека мускулите им се релаксираат и им се релаксира телото. И на училиште професорите не прашаа дали користиме и ние кажавме „не“. Првпат го видов овој тренд во јуни или јули лани, вели нашата соговорничка, ученичка во скопска гимназија.
Министерството за внатрешни работи досега не добило пријави за злоупотреба на снус и не упатија одговори за легалноста да бараме од Царина. Работата на МВР е фокусирана на наркотични дроги, а „снус“ не е во таа категорија. Од 15 октомври лани до 15 март годинава, МВР открило 7 малолетни сторители на кривичното дело „неовластено производство и пуштеање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и четири сторители на кривичното дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“ најчесто на техно забави и техно фестивали, во паркови итн.
„Министерството за внатрешни работи превентивно делува на сите подрачја, а посебно внимание се посветува околу воспитно-образовните установи. Превентивно делуваме во училиштата со обуки и предавања за штетноста и последиците кои настануваат од користењето на наркотични средства. Малолетниците се ранлива категорија и во одделни случаеви кога малолетниците ќе се затекнат во уживање или поседување, за истите задолжително се повикува родител и задолжително е присуството на инспектор за малолетничка деликвенција. Потоа задолжително се известува судија за малолетничка деликвенција и јавен обвинител за малолетничка, деликвенција, велат оттаму.