ВИДЕО| Oколу 1.000 бебиња лани предвреме се родиле на ГАК

Светот денеска го одбележува денот посветен на предвреме родените бебиња. Околу 15 проценти од раѓањата кај нас се предвремени, а минатата година на Клиниката гинекологија и акушерство предвреме се родиле околу 1.000 бебиња. Тоа се бебиња родени пред 37-ма гестациска недела.

– Многу е поголем бројот на предвреме родените деца кои се стабилизираат и чија состојба се подобрува, во споредба со оние кои за жал не успеваат да се изборат. Органите на овие бебиња се незрели, поради што не можат да продолжат самостојно да живеат во надворешниот свет. Затоа ние на Клиниката ги превземаме сите неопходни процедури за да можеме бебињата да ги испратиме дома кај семејствата. Од година во година се зголемува бројот на бебињата кои  преживуваат, и покрај малата родилна тежина. За сметка на тоа, смртноста се намалува и тоа со прилично стрмен пад, рече денеска во „Утрински брифинг“ доктор Денис Ал Халили, педијатар на ГАК.

Некои од бебињата интензивната нега ја напуштаат по неколку недели, други пак остануваат и по неколку месеци, во зависност од тоа колку се мали кога ќе се родат.

– Дел од нив се постабилни и не бараат посебно лекување и третман, но има и бебиња на кои им е потребно интензивно лекување. Нив ги третираме на одделот на неонатална интензивна нега. Тие бебиња имаат потреба од поставување во инкубатор, регулација на температурата, дишењето, со неинвазивна или инвазивна вентилација, посочува д-р Ал Халили.

Големо влијание врз предвременото породување има состојбата на мајката.

– Прееклампсијата, односно високиот крвен притисок на мајката може да биде една од причините за предвремено породување. Втора причина можат да бидат инфекциите и предвременото прсање на водењакот. Доколку се случи такво нешто, се обидуваме неколку дена да го одложиме породувањето за бебето да биде позрело. Возраста на мајката е исто така една од причините за предвремето породување, вели педијатарот.

Предвреме родените бебиња бараат посебна нега, подложни се на инфекции, а нивната возраст треба да биде корегирана, така што ако детето има една година, а се родило три месеци порано, родителите треба да бидат свесни дека детето всушност има девет месеци, и да не се грижат ако не ја достигнало истата тежина и должина како нивните врсници, објаснува доктор Денис Ал Халили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот