ВИДЕО: Обвинителот Јовески и пратениците се скараа за надлежностите околу Онкологија

Љубомир Јовески на Анкетна комисија за Онкологија / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и пратниците од опозицијата влегоа во жестоко несогласување во Собранието на Анкетната комисија за скандалот Онкологија. Јовески апелираше Собранието да ги смени законите, за никогаш да не се случи повторно директорка на Клиниката за онкологија да плаче во Собранието затоа што има недостиг на лекови за болните од рак, алудирајќи на солзите на доктор Виолета Клисаровска. Таа пред неколку денови на Анкетната комисија кажа дека дефицитот на лекови на Онкологија ја става под голема одговорност и речиси се расплака поради одговорноста што ја чувствува како човек, лекар и директор.

– Солзите на директорката многу зборуваат. Сменете ги законите, рече Јовески додавајќи дека нема да дозволи политички или какви било притисоци врз предистрагата.

Кривичната одговорност, алармираше обвинителот, пратениците да му ја остават на Обвинителството и да не ја загрозуваат предистрагата.

– Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, не е во ваши раце. Оставете не темелно и стручно да си ја вршиме работата и да се дојде до вистината, рече Јовески.

Државен јавен обвинител Љубомир Јовески на Анкетна комисија за Онкологија / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Обвинителот побара материјални и кадровски услови за непречена работа на Обвинителството и да се изменат законите за пациентите со рак да добијат лекови.

– И јас сум за утврдување одговорност, но не смее да се компромитира обвинителската постапка, рече Јовески.

Од пратениците побара да застанат зад независноста на Обвинителството и да му веруваат.

– Ги гледам расправите. Од оваа говорница неколку пратеници излегоа да кажат дека имале блиски пациенти на Онкологија. Се надевам дека не е целта со такви дискусии да се покаже дека некој повеќе е засегнат од ова прашање. Свесни сме и знаеме сите, скоро и да нема семејство, дом, човек во државата кој не поминал или лично или преку некој близок низ траумите на канцер. Мојот единствен брат почина на Клиниката за онкологија пред 4 години. Во моето најблиско опкружување и сега имам пациент на таа клиника. Ова не го кажувам за да докажувам дека и мене ми е важно да се дојде до вистината, туку зашто знам дека и тој личен факт може да се злоупотреби политички и да фрли сомнеж на непристрасноста на постапката. Никогаш не сум влијаел а нема ни сега да им влијаам на јавните обвинители кои постапуваат. Апелирам да престане злоупотребата на предметот Онкологија во политички цели и за тоа барам поддршка од целата јавност. Директно се загрозува постапката и валидноста на доказите на што укажа и претседателот на Основниот суд, паралелна истрага е недозволена, рече Јовески.

Државен јавен обвинител Љубомир Јовески на Анкетна комисија за Онкологија / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Тој додаде дека сите што имаат докази треба да ги достават до Обвинителството, а за доказите од свиркачи кои ги посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека не се од свиркачи, туку од официјални институции. Дел од пратениците алудираа дека протекле од самата Анкетна комисија. Предметот е во предистрага, сослушани се околу 40 лица со информации, се разгледува обемна документација со вештаци и се врши анализа на доказите кои ќе подлежат на одредени вештачења, но не беше откриено каде. Јовески рече дека не може да каже за кои кривични дела се работи и кои лица евентуално ги извршиле, зашто случајот е во предистрага.

Анкетна комисија за сучувањата во Онкологија / Фото: ,,Слободен печат”- Драган Митрески

Дел од пратениците му префрлија на Јовески дека медицинската сестра фатена со цитостатици не им е достапна, дозволено ѝ било да го повтори делото, а дека кривична пријава поврзана со Онкологија од 2012 година нема разрешница. Побараа Обвинителството да работи побрзо и поефикасно.

– Во 2012 година сте имале кривична пријава за Онкологија, ништо нема. Треба да излезете тука пред нас и да кажете до каде е предистрагата. Кога го навредувате ова Собрание, немојте да заборавите дека ние седиме тука како пратеници зашто сме избор на граѓаните, а вие зашто сте предлог на Зоран Заев и на Владата. Немојте никогаш да заборавите која е највисоката институција во државата, му се обрати на Јовески пратеникот Љупчо Пренџов.

Обвинителот беше дециден дека не смее да се изнесуваат докази од предистрага во јавноста па да ѝ се даде на таков начин на одбраната да ги собори на суд. За постапката од 2012 година која се водела по стариот Закон за кривична постапка, рече дека завршила и нема елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.

– Бидете спокојни, тој за кого Обвинителството ќе утврди дека извршил кривични дела и злоупотреби, сигурно ќе одговара, увери Јовески.

Анкетна комисија за Онкологија, министер за внатрешни работи Оливер Спасовски / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Сведок на анкетната комисија беше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој кажа дека МВР постапува по сите барања кои се добиваат од Јавното обвинителство за предметот Онкологија.

– Секаде каде што се доставува барање за истражни дејствија, тоа го работи МВР. Јасна е позицијата и сите докази се утврдуваат по издадените наредби. Формирањето на Анкетната комисија е политичка одлука и немаме мислење или можност за имање мислење зашто вие носите одлука за тоа. За тоа што конкретно се разгледува, тие информации не може да се споделат овде бидејќи се дел од истрагата, рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот