ВИДЕО | Николовски: Син ми испи 40 апчиња и проба да се убие, откако не го примија во психијатриската болница Бардовци

Скопјанецот Љупчо Николовски со солзи во очите и видно вознемирен, ја обвинува психијатриската болница Бардовци, дека не сакале да му помогнат на неговиот син со психијатриска дијагноза и одбиле да го хоспитализираат, а веднаш после тоа, пациентот испил 40 таблети Дијазепам и Лорам, во обид да се самоубие.

Раководството на психијатриската болница Бардовци пак, не го менува ставот дека пациентот не бил за хоспитализација.

Директорот Ќамил Ковачи за ,,Слободен печат” изјави дека ,,семејствата на пациентите често пати прават обид да ја злоупотребат институцијата за да го остават пациентот таму по секоја цена”.

-Мојот син, кој се бори со шизофренијата повеќе од 15 години, со полициска асистенција и со брза помош беше однесен во психијатриската болница Бардовци во петокот, ама лекарката не сакаше да го прими. Таа негираше дека нешто не е во ред со син ми. Иако и ја кажавме вистината дека два пати се обиде да се отруе со апчиња, немаше ефект. По трет пат доаѓаме и истата личност не сакаше да не прими, не врати назад. Синот после ова пак заврши на Токсикологија, со силно труење бидејќи испи голема количина апчиња. Има силно труење и моментално е на Токсикологија. Докторката ни даде образложение дека немаме наод, упат, никаква документација и не може да не прими. Јас и објаснив дека се работи за нивни пациент кој веќе четири пет пати лежел тука и дека доктор Голуб го водел. Иако го кажав тоа, не сакаше да го прифати. Пред вратата на болницата стоевме со брза помош, со асистенција на полиција и така се вративме назад. Здравствената состојба на мојот син не е добра. Тој во моментот е нестабилен, му се појавуваат некои светла, му пречат светлата од соседите, фантазира, има чудни однесување, мисли дека некој му се заканува. Никаква контрола немаме врз него. Слуша звуци, некој му тропал, кажува чудни имиња, со него се случува нешто непредвидливо и необјасниво освен за медицинската наука. Моите барања беа да остане во болница на лекување и ништо повеќе. Но, не успеавме, плачејќи вели таткото на пациентот, Љупчо Николовски од Скопје.

По неуспешниот обид да биде хоспитализиран, пациентот испил 40 апчиња Дијазепам и Лорам, коктел кој е смртоносен и можел да заврши фатално, меѓутоа за среќа бил пронајден од неговиот брат навремено и сега е хоспитализиран на Клиниката за токсикологија во Скопје.

Семејството е огорчено што не му била овозможена хоспитализација на пациентот. Тие тврдат дека доколку бил задржан во психијатриската установа, тој не би се обидел да се отруе, бидејќи би бил под потребниот медицински надзор.

Станува збор за долгогодишен пациент, кого во болницата во Бардовци го познавале. Таму се лекувал и порано, во декември бил и хоспитализиран, но потоа го испишале. Сите негови проблеми со психичкото здравје, како што објаснува таткото за нашата редакција, почнале откако се вратил од воениот конфликт во 2001 година.

Често пати се случува да го бараат по цело Скопје со такси, бидејќи не знаат каде заминал, па да го пронајдат во близина на езера, завиткан во ќебиња. Пациентот како што тврди семејството, постојано има замисли дека неговото семејство ќе му наштети, по што станува агресивен и таквата состојба е невозможно самите да ја контролираат и им треба помош од здравствениот систем и од државата.

Минатата недела два пати викале брза помош и полиција за да го однесат во болница, ама неуспешно. Се затворил дома, не ја отворал вратата, а полициските службеници одбиле да ја обијат, од претпазливост да не скокне од прозорецот и да си го одземе животот.

-Јас сум црковен човек што работи по цркви и манастири. Ама ова што се случи не е ни хумано ни достојно на медицински работник. Детето го однесов со полициска асистенција, откако неколку денови не можевме да го натераме да отиде в болница. Кога некако најпосле го разубедивме, го најавив и стигнавме во Бардовци. Госпоѓата излезе надвор пред вратата од болницата после 20 минути чекање, праша што е проблемот, не дозволувајќи ниту да влеземе во болницата. Го погледна, вели добар е. Го праша што пие, какви таблети и не прати дома, иако дојдовме и со полиција и со брза помош. Јас се обидов да ѝ објаснам дека врз син ми немаме контрола, дека неговата болест е непредвидлива, дека има халуцинации, дека 20 години се лекува во оваа болница, агресивен е, дека може да се убие бидејќи може да испие голема количина апчиња, меѓутоа не вредеше што и објаснував. Нејзиниот збор беше последен и таа процени дека е добар, пред вратата од клиниката, изјави Николовски.

Директорот на психијатриската болница Бардовци, Ќамил Ковачи за ,,Слободен печат”, тврди дека досега ниту еден пациент за кого постоела вистинска потреба за хоспитализација не бил вратен.

-Се слушнав со лекарката која што била дежурна и добив информации за случајот. Таа најодговорно тврди дека немало потреба тој пациент да се хоспитализира, немал дијагноза шизофренија туку растројство на личноста. Бил наш пациент но тој ден според лекарката која била дежурна немал потреба за тоа. Дури и брзата помош се чуделе зошто го донеле. Пиел апчиња за дијагнозата и бил мирен. Таткото бил чудно нервозен и сакал да го остави по секоја цена. Проценката на лекарката е дека нема потреба за хоспитализација. Често се случува да има злоупотреба од страна на фамилиите да ги оставаат пациентите кај нас по секоја цена, изјави Ковачи.

Психијатарот, доктор Анета Ордевска, која спорната вечер била дежурна на Клиниката, за ,,Слободен печат” сподели нејзино согледување околу овој настан.

-Прво е што пациентот немаше проблем. Беше донесен со брза помош и со неговиот родител. Беше навечер, 21 часот и 30 минути. Практично беше многу мирен, неколку дена претходно бил виден од докторот кој вообичаено го лекува и се договориле да оди кај една од нашите колешки во екстрахоспитала за да му биде препишана терапија. И тогаш немало индикација за прием. Ни јас ни брзата помош кај него вечерта не видовме неопходна индикација за хоспитализација. Имаше терапија од претходно што му била препишана. Повознемирен беше таткото кој сакаше по секоја цена да го смести. Иако во неговата брзаница не успеале да донесат ниту документ за идентификација, ниту упат. Дојдени беа како на прошетка. Никогаш не сме одбиле пациент но за него немаше индикација. Таткото бурно изреагира. Рече дека не го зема синот. Тој ја направи ситуацијата тензична без потреба. Пред мене пациентот испи таблетка, беше соработлив, немаше халуцинации и психотични идеи. Можеби кај таткото се акумулирале некои работи од претходно, не би можела да тврдам, ни изјави доктор Ордевска.

 

Скопјанецот Николовски за „Слободен печат“: Син ми со шизофренија, не го примија во Бардовци, па испи 40 апчиња и се обиде да се убие

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот