ВИДЕО | Наумовски: Имиња на улици од периодот на солидарноста и повоениот период ќе се вратат во Скопје

Никола Наумовски / Фото: Слободен печат

Град Скопје ја објави листата со 571 име според која во иднина би се именувале улици, плоштади, паркови и мостови во градот. Покрај новите имиња се предвидува да се вратат и старите имиња на улиците, со што „Аминта Трети“ пак да биде „Ленинова“, „Јордан Мијалков“ – „Железничка“, „Филип Втори“ – „Стив Наумов“. Тафталиџе повторно ќе ја има улицата „Мексичка“ наместо „Петре Пирузе“, а „Борис Сарафов“ пак ќе стане „4 Јули“. Во листата на нови имиња се пејачот Дејви Боуви и групата „Квин“, групите „Леб и сол“, „Лева патика“ и „Мизар“. Улица ќе биде именувана и по Есма Реџепова, како и по филмот „Медена земја“.

Во листата со нови имиња за улици се и имињата на починатиот новинар Никола Младенов, пејачката Вања Лазарова, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски – Буштур, Атина Бојаџи, заменик-градоначалникот на Скопје, Енвер Малиќи, потоа имињата на писателите Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески.

Се предлага еден плоштад да се вика „Вера, надеж и љубов“, а Градски парк би се викал „Безвременски“. Планот е да се вратат старите имиња на дел од скопските улици што беа сменети во периодот кога мнозинството во градскиот Совет и градоначалничкото место во главниот град и во повеќето општини ги имаше ВМРО-ДПМНЕ. Бранот на преименувања на улиците, кои добија партиски и антички предзнак, тогаш предизвика бурни реакции во јавноста.

Каква симболика претставуваат некои од имињата и овој пат во јавноста и на социјалните мрежи се отвори полемика за тоа која личност или име е соодветно а кое не. Гостин во „Утрински брифинг“ беше шефот на кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Никола Наумовски.

– Градот има обврска да го апдејтира списокот на имиња секои неколку години. Последниот пат тоа беше направано на скандалозен начин. Она што денеска го правиме е да ги вратиме имињата на улиците кои беа дел од скопската мапа. Крајно неодговорно е на секоја најава на градската администрација советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да оди контра. Она што ние го имаме е тоа дека нема име кое што може да и ги помати сметките или да и биде трн во око на опозицијата. Од она кое што точно сме сигурни дека ќе мора да се случи е дека имињата од периодот на солидарноста и повоениот период ќе мора да се вртат во Скопје. Ако не го направиме тоа, ние го забораваме земјотресот и помошта што југословенската и светската заедница му ја дадоа на Скопје, изјави Наумовски.

Целиот разговор со советникот на градоначалникот Петре Шилегов, Никола Наумовски може да го погледнете во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот