Марш на родителите во Кочани / Фото: Радио Кочани

ВИДЕО | „Нашето трпение е при крај“ – родителите во Кочани реагираат на бавниот судски процес

И оваа сабота родителите на трагично загинатите во пожарот во кочанската дискотека маршираа заедно по улиците на градот. Тие упатија критики до институциите за бавниот судски процес и закажувањето на рочиштата.

На собирот се обрати таткото на загинатата Надица Наунова, Александар Наунов, кој јавно го прозва Обвинителството и Кривичниот суд, укажувајќи на одложувањата, оправдувањата и недостигот од најавената динамика на судењето.

„Пред почетокот на судењето слушнавме гласни ветувања дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да има неоправдани одложувања, дека ќе се контролираат лекарските оправдувања и точноста, дека Обвинителството нема да дозволи постапката да пропадне поради неосновани причини, особено ако станува збор за одолговлекување. Тоа беа ваши зборови, ваши гаранции пред јавноста, ваши ветувања кон нас. Денес прашуваме – каде се тие ветувања?“, рече Наунов.

Тој посочи дека во јануари се одржало едно рочиште, во февруари две, а до крајот на месецот е закажано уште едно, „ако воопшто се одржи“. Според него, ветеното темпо од две рочишта неделно не се реализира, а честите оправдувања отвораат сомнежи кај семејствата на жртвите.

„Гледаме обвинети кои од здрави стануваат болни, носат документација за која не знаеме дали е основана. Тоа кај нас буди сомнеж дека дејствијата се со цел одолговлекување на постапката“, нагласи Наунов.

Тој го отвори и прашањето за безбедносните контроли во притворот, откако на првообвинетиот му бил пронајден мобилен телефон во ќелијата.

„На првообвинетиот му е пронајден телефон во ќелија и сè завршило со опомена. Се поставува прашањето дали се врши контрола во притворот, што се случува во телефоните на првообвинетиот, дали се обработени до крај и дали е извлечена целата комуникација. Дали требаше да има само опомена или да помине време во самица? Тоа отвора сомнежи и не враќа доверба“, изјави тој.

Дополнително, Наунов посочи дека на суд било забележано сведочење кое се разликува од изјавата дадена пред Обвинителството.

„Видовме сведок кој даде изјава различна од таа пред Обвинителството. Прашуваме како се постапува со луѓето кои лажно сведочат?“, рече Наунов.

Меѓудругото, таткото во емотивно обраќање им порача на сите кои, како што рече, ја релативизираат тежината на случајот:

„За оние кои тврдат дека ‘Пулс’ е толку климаво поставен што ќе падне, нека запомнат нешто – под тие скали не лежат предмети, бројка, статистика. Под тие скали лежат 63 млади животи, 63 светови кои згаснаа. Ние немавме деца за давање. Тие беа наша фамилија. Тоа не се имиња на лист хартија. Слушнавме што ветивте, ама гледаме што правите. Нашето трпение е при крај.“ .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот