ВИДЕО: МВР заплени голема количина на хероин и кокаин во Скопје

Дрогата била сокриена во специјално направени бункери, спакувана во повеќе пакувања со различна големина.

Четири ипол килограми хероин и околу килограм кокаин, се пронајдени вчера во домот на 27-годишниот Е.М. од скопската населба Сингелиќ.

Од полицијата известија дека претресот е извршен откако добиле сознанија дека Е.М. се занимава со незаконска набавка и продажба на наркотици. Дрогата била сокриена во специјално направени бункери, спакувана во повеќе пакувања со различна големина.

При претресот се пронајдени и пиштол магнум 357, пиштол ХС и пакувања со околу 200 куршуми.  Дилерот Е.М. е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.

Во изминатите денови уапсени се неколку групи кои се занимавале со незаконска трговија на дрога.  Вчера во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода В.К. (32) од Битола затоа што при преглед во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пакувања со амфетамин. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Завчера пак, полицијата ги уапси Т.С.(22) од Скопје, В.К. (35) од Албанија и Р.К. (22) од Косово, поради основано сомнение дека сториле кривично дело неодзволена трговија со дрога. Поради постоење основи на сомнение дека во викенд куќа во крушевското село Врбоец, крушевско, се наоѓа поголема количина наркотична дрога марихуана, за која постои сомнение дека е одземена од простории на правно лице од крушевско за производство на медицински канабис, со наредба од судија на претходна постапка од Основен суд Прилеп извршен е претрес во викенд куќата, при што се пронејдени и одземени шест вреќи со околу 60 килограми марихуана.

При претресот било затекнато едно лице кое се дало во бегство, но за кратко време било лишено од слобода, при што е констатирано дека станува збор за Т.С. (22) од Скопје. На уапсените им е одредена мерка притвор.

Од полицијата велат дека во изминатиот период зачестиле обидите на поединци и групи да извршат незаконска продажба на дрога, а најчесто тоа било марихуана и хероин. Таков обид имало пред два дена на преминот „Табановце“.

– Во камион „даф“, со бугарски национални ознаки, со приколка „тирсан“, кое го управувал М.К.(66) од Јосифово, валандовско беа пронајдени над 100 килограми марихуана. Во дополнителен резервоар беа пронајдени 90 пакувања наркотична дрога марихуана со тежина од над 100 килограми, еден пиштол „MAUSER“ калибар 7,65 мм, една рамка за пиштол со шест куршуми калибар 7,65 мм и еден пригушувач за пиштол. Возачот беше уапсен и против него е поднесена кривична пријава – велат од МВР.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот