Фото: Profimedia

ВИДЕО | „Можете да ја ставите во урна“: Мел Гибсон ја посети својата изгорена куќa во Лос Анџелес

Мел Гибсон го посети местото каде што неговиот дом во Калифорнија беше целосно уништен од пожар. Наместо да се фокусира само на загубата, актерот ја искористи приликата да им изрази благодарност на пожарникарите за нивната пожртвуваност. Гибсон беше виден како разговара со припадниците на итните служби, додека го разгледуваше уништувањето што го предизвика пожарот во Палисејдс.

Иако многу од соседите сè уште не се вратиле на своите имоти, Гибсон доби дозвола од пожарникарите да го посети своето земјиште, додека снимаше интервју со „Њуз нејшн“. Тој изјави дека најважно за него е што семејството му е на сигурно. Како спомен од својот дом, тој понесе само една мала масичка.

Во неодамнешен разговор со Џо Роган, Гибсон призна дека бил вознемирен кога дознал за пожарот. Ветровите кои ја разгореле огнената стихија почнале да дуваат истиот ден кога тој отпатувал за Тексас. Со иронија изјави дека од неговиот дом останало толку малку што може „да се стави во урна“.

Гибсон, кој во овој дом живеел околу 15 години, рече дека загубил многу вредни и драги предмети, но е уверен дека може повторно да изгради сè. Тој планира да го исчисти земјиштето и да започне со реконструкција. Во меѓувреме, во разговор со гувернерот на Калифорнија, актерот го критикуваше за недоволната реакција, шеговито сугерирајќи дека треба да троши помалку на гел за коса.

Во интервју за „Фокс њуз“, Гибсон посочи дека властите не презеле навремени мерки, што довело до катастрофални последици.

„Некои лидери едноставно спиеја на работа, а сега треба да живеат со тој срам. Ова остави многу луѓе без покрив над главата и ги трауматизира децата. Некој мора да сноси одговорност за ова,“ рече тој.

Гибсон е само еден од многуте познати личности кои ги загубија своите домови во пожарите. Меѓу нив се и Парис Хилтон, Били Кристал, Џон Гудман, Ана Фарис, Адам Броди, Лејтон Мистер и многу други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот