ВИДЕО | Мишел Јео доби ѕвезда на Холивудската патека на славните
По повеќе од четири децении кариера, малезиската актерка Мишел Јео конечно го доби заслуженото признание – ѕвезда на Холивудската патека на славните во Лос Анџелес, пренесува „Еј-би-си Њуз“. Церемонијата се одржа во средата наутро, а на неа присуствуваа неколку колешки и режисери со кои Јео соработувала, меѓу кои Ке Хуј Куан, Сандра О, Аквафина, Џон М. Чу и Анг Ли.
Препорачано
„Се сеќавам кога првпат го видов ова место – толку е иконско. Тука се сите мои херои од детството. Да се биде тука сега е како сон што се остварува“, изјави Јео пред церемонијата за „Варајати“.
За свеченоста, 63-годишната актерка избра светло жолт свилен фустан од Диор, кој го надополни со сребрени потпетици од Роџер Вивие, луксузен часовник Ричард Мил и дијамантски накит. Нејзината долга кафеава коса беше стилизирана право, додека шминката беше природна и елегантна.
Мишел Јео ја започна кариерата во 1983 година, кога со 20 години стана Мис Малезија на светот. Потоа се проби во акционите и боречки филмови на Хонг Конг, меѓу кои „Да, госпоѓо“, „Величествени воини“, „Херојското трио“, „Мајстор на таи чи“ и „Винг чун“.
Во 1997 година, Јео се пресели во САД и стана позната ширум светот со улогите во филмовите за Џејмс Бонд – „Утрешнината никогаш не умира“ и „Клекнат тигар, скриен змеј“. Потоа настапи во блокбастер хитови како „Луди богати азијци“, „Шанг-Чи и легендата за десетте прстени“, „Злобни“ и „Сè, насекаде одеднаш“, каде што освои Оскар за најдобра актерка во 2023 година, станувајќи првата азијка со ова признание.
Во својот говор при примањето на ѕвездата, Јео посочи дека ова признание не е само нејзино, туку е резултат на поддршката на сите кои ја следеле и овозможиле нејзината кариера:
„Се надевам дека ова ќе потсети некого дека е можно да се стигне до својата цел, без разлика од каде почнувате.“
Минатата недела, актерката ја доби почесната Златна мечка за животно дело на Берлинале, потврдувајќи ја нејзината значајна трага во светската кинематографија.


