ВИДЕО | Милановиќ: На ХРТ му го тргнав телефонот на Приморац од масата, му праќаа податоци
Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат за нов мандат на претседателските избори, од коишто вториот круг ќе се одржи во недела, Зоран Милановиќ, во гостување на порталот „Индекс“ рече дека во предизборното соочување со противкандидатот Драган Приморац од ХДЗ на хрватскиот јавен сервис ХРТ, му го тргнал од масата телефонот на Приморац, откако забележал дека од изборниот штаб во живо му праќале податоци.
„Знаете ли дека му го тргнав телефонот од масата? На првата дебата, кога имаше осум луѓе, стоевме еден до друг. Гледав како прима податоци и скролува во реално време. Му реков: Не мора да имате телефон, добивате податоци од централната канцеларија во реално време. Па, дојдоа водителите и му кажаа дека не смее да има телефон, а тој им одговори дека е на „авионски режим“. Треба да верувам во тоа?“, рече Милановиќ.
Интервјуто на „Индекс“ требаше да биде дебата меѓу двајцата кандидати, но порталот објави дека изборниот штаб на Приморац не одговорил на поканата за учество што му ја испратила редакцијата.
Според последните анкети, Милановиќ е јасен фаворит за нов мандат пред вториот круг од претседателските избори кој ќе се одржи во недела. Актуелниот шеф на државата за малку не успеа да ја однесе победата уште во првиот круг, кога тој освои 49,09 отсто од гласовите, а Приморац – 19,35 отсто.