ВИДЕО | Маргарита Арсова, програмски раководител во МКЦ: Да кажеме „стоп“ на политиката во културата и животот на младите во Македонија

Маргарита Арсова, програмски раководител во МКЦ/ФОТО: Слободен печат

Годинава за Младинскиот културен центар почна со лоши вести, откако за нов в.д. директор беше назначен Никола Алексов, дипломиран детектив. Поранешниот в.д. директор Ванчо Богоев беше разрешен зошто не подлегнал на притисоците од генералниот секретар да потпише вработување за музичарот Бени Шаќири.

Маргарита Арсова, програмски раководител во Младински културен центар, пред камерата на „Утрински печат“ истакна дека протестот пред МКЦ е показател за тоа дека оваа институција добро си ја вршела својата работа во овие 50 години постоење.

-Навистина бевме фасцинирани од одзивот на граѓаните, откако во масовен број излегоа на протест и ни укажаа дека во овие 50 години навистина квалитетно сме си ја работеле нашата работа. Од крикот на младите, разбравме дека МКЦ е установа отворена за сите, поле за културен натпревар. Но за жал … во моментов тоа не се случува, изјави Арсова.

Според неа, сагата на оваа културна институција почнала во јануари.

-Никола Алексов на 19 јануари беше назначен за нов в.д. директор, а веќе следниот ден од Град Скопје беше најавена ревизија која се` уште е во тек во МКЦ. Ние вработените се` уште не сме се запознале со новиот директор, ниту ги знаеме насоките по кои ќе продолжиме да работиме со веќе усвоените програми. Персоналот во МКЦ ја оспорува легитимноста и начинот на кој е назначен новиот раководител. Целата ситуација за нас е сомнителна, имајќи предвид дека оваа установа доби раководител преку Агенција за привремени вработувања, а според статутот на МКЦ, кој е устав на институцијата, в.д. директор може да биде само некој од редот на вработените. Антикорупциската комисија веќе покрена некои прашања, па ќе видиме дали ваквото назначување се коси со законските прописи, истакна таа.

Според програмскиот раководител, во моментов Младинскиот културен центар е во крајно незавидна ситуација.

-Ние вработените сме затекнати со сите актуелните случувања. Кај нашиот колектив постои несигурност и сомнеж, бидејќи не знаеме каква ќе биде иднината на МКЦ, ниту кон што ќе цели ваквиот расплет на настаните?! Во првите денови од мандатот на Никола Алексов, во Младинскиот културен центар единствено има промена на бравите на канцелариите во кои се наоѓа целата документација на оваа установа, а од тие брави само тој ги има клучевите, што сметаме дека е спротивно со неговите ингеренции, потенцираше Арсова.

Дополнително таа потенцираше дека со драстично намалениот буџет е очигледна тенденцијата кон нарушување на интегритетот и функционирањето на оваа установа.

-Со ваквиот буџет, искрено немаме идеја како би продолжиле со работа и реализирање на предвидената програма. Овие пари не се доволни за да се реализира ниту третина од било кој фестивал … МКЦ е препознатлив по традиционалните фестивали на „МОТ“, „Здраво млади“, „Синедејс“, кои се одржуваат веќе неколку децении. Само да потсетам, „МОТ“ се реализира 47 години во континуитет, се плашам дека оваа 2023-та година ќе биде првата во која тој нема да се одржи заради финансии, вели Маргарита.

Според Арсова, борбата е заедничка, а преку истата се испраќаат силни пораки за стоп на политиката во културата и животот на младите во Македонија.

-Со оваа борба, испраќаме порака дека оваа институција има легитимитет да продолжи да постои како Младински културен центар, кој ќе биде наменет единствено за младите. Крајно време е на младите генерации да им се даде фер шанса да учат и да прогресираат во своето поле на интерес, но и на таков начин да бидат дел од градењето на институциите на една држава. Доста е со политика на грбот на младите, надлежните треба да испратат порака до нив дека и во оваа држава може да се успее, но само ако се почитуваат правните и законските прописи. Искрено се надеваме дека институциите ќе преземат се` што е во нивна надлежност и моќ, да го разрешат овој случај, но и дека конечно ќе успееме со еден позитивен пример да се воспостави позитивна пракса во функционирањето на институциите и нивна деполитизација, рече таа.

Маргарита Арсова преку камерата на „Утрински печат“ испрати порака од име на целиот колектив до новиот в.д. директор, Никола Алексов:

-Би сакала да му порачам на новиот в.д. директор дека најпрвин е неопходно да не собере на колегиум, да ги запознае колегите со кои треба да ја гради културната приказна на оваа институција, а не да оди преку обратниот процес. Тој треба да знае дека борбата не е лична, ниту се однесува за директорското место, туку за политизирањето во културата на Македонија, заклучи Арсова.

Видео на денот