ВИДЕО | Лабрадорот Роџер нов член на тимот на Клиниката за психијатрија – ќе носи смиреност, насмевки и поддршка за пациентите
Како што истакна директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба
ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија доби нов член на својот тим – Роџер, „чоколаден“ лабрадор, кој неодамна беше вдомен и за многу кратко време стана миленик и на персоналот и на пациентите.
Препорачано
– Вдомувањето на Роџер е дел од иницијативата за имплементација на Animal Assisted Activities (AAA) – активности поддржани од животни, чија цел е обезбедување емоционална поддршка, чувство на смиреност, поттикнување социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите – велат од Клиниката.
Како што истакна директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт и поголема мотивација за вклучување во терапијата.
– Роџер учествува во средби со пациенти, индивидуално или во групи, секогаш под надзор на стручен тим и со согласност од пациентите. За него е обезбеден соодветен простор пред влезот на клиниката, редовна ветеринарна грижа и уреден здравствен и вакцинален статус. Во текот на денот, тој има организирани прошетки со вработените и со пациенти-доброволци од дневната болница, а нема пристап до простории каде што се подготвува храна или се чуваат лекови – појаснуваат од Клиниката за психијатрија.
Лабрадорите, како што додаваат од Клиниката, се меѓу најчесто користените раси во вакви активности, поради нивната смиреност, трпеливост, социјална интелигенција и способност интуитивно да реагираат на човечките емоции. Токму овие карактеристики, како што нагласува проф. д-р Арсова, ги поседува и Роџер, кој со своето присуство веќе внесе многу позитивна енергија во секојдневието на Клиниката.


