ВИДЕО: Кружат петиции „за“ и „против“ изградбата на висококатници кај Холидеј ин

Две различни петиции кружат за проектот за изградба на комплекс висококатници на паркингот спроти Холиден Ин во Скопје. Жителите од Ново Маало викендов собираа потписи за петиција со која ќе побараат од Општина Центар и Владата да овозможат изградба на комплексот.

-За само еден ден успеавме да собереме 250 потписи од сопственици на имот и со оваа петиција, даваме целосна поддршка на инвеститорот, а преку истата, и најостро ги осудуваме најавите и барањата на поединци, организации и институции за стопирање на проектот. Крајно сме револтирани од предлозите за суспензија на планот и притисокот за ова кој го прават луѓе кои живеат во удобни домови, наспроти жителите на Ново Маало кои со децении живеат во услови кои ни одблиску не наликуваат на хумано домување, велат од жителите од ова скопско маало.

Од друга страна, граѓански организации, универзитетски професори и архитекти упатија повик да се заштити јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина како врвно начело на управување со државата и дека обврска на Владата е да интервенира кога е тој загрозен.

„Овој ДУП мора да ја напушти максималната изградба како основен приоритет и мора да биде и квалитативно подобар нудејќи повисоки вредности. Планот мора да води сметка за јавниот интерес, а со тоа и на заштита на животот и здравјето на граѓаните, психичкото здравје, социјализација, наместо осаменост. Со зелен простор ќе се помогне во справувањето со последиците од загадувањето, бучавата, топлотните острови и неотпорноста кон климатските промени кои со изградбата на „Скопје 2014“ се случија во центарот на градот. Иако и Градот и државата имаат стратегии и документи со кои овие прашања се третираат, нивното неспроведување ги остава граѓаните да живеат во небезбедна и нездрава средина“, пишува во повикот.

Меѓу потписниците на оваа петиција се и режисерот Милчо Манчевски, професорот и архитект Мишко Ралев, „Македонска АРХитектура“ (МАРХ), Оливер Белопета, Скопски џез фестивал, На точак“ – група граѓани за подобро велосипедско Скопје.

Локалната власт се уште не одлучила што понатаму со ДУП за просторот кај “Холидеј ин“, а инвеститорот МГ Фешн веќе ги уплати парите за комуналии за изградба на првата кула. Поднесено е и барање на дозвола за градба, но дозволата не е се уште издадена, а деновиве во јавноста беше презентиран и проектот за изградба на парцелата 1.1 која го опфаќа паркингот и просторот каде се наоѓаше „Дрводекор“, без куќите од Ново Маало.

Проектот предвидува изградба на три згради на парцелата 1.1, две станбени од по 20 и 22 ката и една деловна од 16 ката, во кои ќе има 400 станови во кои се очекува да живеат околу 1.200 жители. Предвидени се и 1.000 паркинг места и зелена површина од 6.520 метри квадратни. Што ќе се гради на парцелите 1.2 и 1.3 на кои сега се наоѓаат куќите од Ново Маало засега е непознато.

Новомаалци најавија протест доколку не се испочитува нивната потреба, на овој начин да добијат пристојни услови за живот. Најавија и тужба до надлежните органи за претрпена штета од 1930 до 2021 година, но и до Судот за човекови права во Стразбур.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот