ВИДЕО: Карабинерите го најдоа тајниот бункер каде 30 години се криел шефот на Коза ностра
Италијанската полиција пронашла таен бункер во стан, за кој се верува дека го користел Матео Месина Денаро, најбараниот италијански мафијаш, кој беше уапсен во понеделникот, по 30 години бегство.
Препорачано
Бункерот се наоѓа во Кампобело ди Маѕара, мал град на Сицилија, каде тајно живеел Денаро. Инспекторите во просторијата бараат документи што ги поседувал Денаро, особено големата тајна архива на Тото Рина, шефот на сицилијанската мафија, кој почина во затвор во 2017 година.
Според некои доушници од мафијашките кругови, Денаро украл документи кои наводно содржат тајни за мафијашки убиства во последните 40 години, пишува „Гардијан“.
Обвинителите веруваат дека Денаро има информации за некои од најгрозоморните злосторства извршени од сицилијанската мафија, вклучително и бомбашките напади во кои загинаа судиите Џовани Фалконе и Паоло Борселино и убиството на Џузепе Ди Матео, 12-годишниот син на мафијаш, кој беше задавен и растворен во киселина.
Во 2002 година, Денаро беше осуден во отсуство на доживотен затвор за убиства, тортура, киднапирање, бомбашки напади, перење пари и трговија со дрога.
Денаро беше уапсен во понеделникот на медицинската клиника во Палермо, каде што се лекуваше од тумор.
Неверојатна сличност: Уапсен Британец во Холандија, полицијата го помешала со шеф на мафија


