Џијан Ахмед во Собранието / Фото: Мрежа за заштита од дискриминација / скриншот

ВИДЕО: Кандидатка без ден искуство во областа на човековите права сака да членува во Комисијата за заштита од дискриминација

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на кандидатурата на Џихан Ахмед за членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Групата граѓански организации побара од Собранието да не ја именува Ахмед, поради повеќе причини.

Факт е, велат од Мрежата, дека таа не ги исполнува законските услови.

„Како потсетување, за член на Комисијата може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија; да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование и да има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија“, велат оттаму.

Џихан Ахмед во Собранието / Фото: Мрежа за заштита од дискриминација / скриншот

Како потврда на спорноста кандидатката да биде член од КСЗД, Мрежата ја споделува јавно достапната професионална биографија на кандидатката, како и снимка од нејзиното претставување во Собранието.

„Од биографијата на кандидатката, може да се увиди дека таа работела во приватна фирма, како асистент на Европскиот универзитет и како професор во средно училиште. Следствено, кандидатката нема ниту една година работно искуство од областа на човековите права, а особено во областа на еднаквост и недискриминација. Дополнително, од нејзината биографија, може да се воочи дека кандидатката учествувала на конференции и семинари посветени исклучиво на корпоративната безбедност, и нема посветено ниту еден ден на обуки, семинари и/или конференции во областа на недискриминација. Во истата насока, во својата биографија, кандидатката ги има посочено сертификатите од следните обуки: „Каква работа посакувам, на каква – се надевам”, „Македонија во НАТО” и „Жената во современото општество”. Со оглед на состојбата со дискриминација во земјата и наодите од извештајот на ЕК за Македонија за 2025 година во делот за недискриминација, се вели во реакцијата.

„Мрежата ја оценува номинацијата на кандидатката Џихан Ахмед како несериозна и понижувачка за сите граѓани на државата. Во време кога постојано се зборува за партизација на институциите, Собранието одлучува да именува некомпетентни лица во институција која треба да ги заштитува најранливите категории на граѓани“, пишува во соопштението.

„Во својата биографија, кандидатката има наведено дека има завршено магистерски студии по меѓународно право. Па затоа, кандидатката доби прашање на кој од темелите на Истанбулската конвенција ќе се посвети како идна членка на КСЗД и со кои постојани тела на ООН ќе воспостави соработка за да ги адресира дискриминаторските практики во земјата. Видно од видеото, кандидатката не го одговори вториот дел од прашањето, и според нејзината изјава се отвора сомнение дека не ја знае содржината на Истанбулската конвенција. Разочарувачки е фактот што кандидатката не знае основни работи за Истанбулската конвенција, која е стратешки документ за заштита од родово-базирано насилство и нееднаквоста на жените, а треба да одлучува за еднаквост и недискриминација на граѓаните, вклучително и на жените. Од друга страна, запрепастувачки, но и застрашувачки, е фактот што кандидат што има магистратура по меѓународно право не ги познава меѓународните документи, особено оние што ќе треба да ги разгледува при образложување на своите мислења во КСЗД“, се додава.

Мрежата бара од Собранието да не ја избере кандидатката бидејќи не ги исполнува законските услови, предвидени во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Истовремено, Мрежата апелира Собранието да ја сфати сериозно својата улога во Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права и да го гарантира напредокот на земјата во полето на недискриминацијата, почнувајќи од изборот на компетентни лица во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, се наведува во реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.

Дали е уставно „Безбеден град“ да се применува само во некои градови? Професорите Шкариќ и Прешова со спротивни ставови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот