ВИДЕО | Јакимовски: Граѓаните или ќе изберат личност подготвена за градоначалник или за кратко ќе се покајат
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ги повика граѓаните да излезат да гласаат зашто, како што рече, со гласањето секој граѓанин ќе одлучи каква ќе биде иднината на општината во наредните четири години и каква личност ќе застане на чело на општината.
Препорачано
„Дали ќе изберете личност која е подготвена за таа работа или пак после кратко време ќе се каете“, рече Јакимовски.
Тој нагласи дека доколку граѓаните излезат да гласаат во што поголем број, резултатите ќе бидат повистинити. Ја оцени неговата кампања како апсолутно коректна и позитивна и рече дека изложил многу проекти пред граѓаните.
„Но истовремено не дозволував мојот противкандидат да прави заблуда и да кажува неточни работи пред граѓаните на опптина Карпош, што сметам дека во секоја изборна кампања мора да се зборуваат само точните работи и со факти. Моја задача е како што сум бил градоначалник 16 години, да не дозволам некој да манипулира со гласачите во општина Карпош“, рече Јакимовски.
Тој повтори дека ако биде избран за градоначалник приоритет ќе му биде решавање на проблемот со паркирање. Најави изградба на катни гаражи, нова градинка во Нерези, во Влае 2 и во Злокуќани, како и субвенции за обезбедување на бунарска вода за наводнување бавчи и дворови, субвенции за фотоволтаични системи, еднократна парична помош за пензионери, како и воведување на референдумско гласање на кое граѓаните ќе можат сами да одлучуваат за прашања кои се многу важни за нив.


