ВИДЕО | Историски успех: Македонците го „запалија“ Дубаи на „Ред бул халф корт“
Македонската „3х3“ екипа газеше, на изненадување на сите. Потклекна само во финалето. Нашите момци им покажаа на сите како се игра улична кошарка. Браќата Амар и Елвис Хот и близнаците Паоло и Карло Блажевски ја искачија Македонија високо, под грандиозните облакодери
Се враќаме во студеното Скопје, а во душите ни грее. Со пустински песок во патиките, со истенчени гласни жици, ненаспани и пресреќни, а пред сè – горди! На градите – сребрен медал. Ееееј, втори во свет!
Препорачано
Македонската „3х3“ екипа газеше на „Ред бул халф корт“ баскет турнирот во Дубаи. На изненадување на сите. Потклекна само во финалето. Нашите момци им покажаа на сите како се игра улична кошарка. Браќата Амар и Елвис Хот и близнаците Паоло и Карло Блажевски ја искачија Македонија високо, таму под грандиозната Бурџ Калифа.
Само неколку денови претходно, кога пристигнавме во Обединетите Арапски Емирати сонцето печеше, а термометарот покажуваше 25 Целзиусови степени во „градот на иднината“. Пристигнуваме со очи широко „ококорени“.
Светскиот тим на Ред бул нè пречекува светски. Соработката со организаторот на турнирот е врвна.
Постојано растрчани како вредни мравки, од почетокот на патувањето, до крајот на турнирот. Од соработката на терен се родија незаборавни спомени и пријателство за навек.
Агендата е динамична. Посетуваме дел од најимпресивните локации во Дубаи – Панорамското тркало, вечера со поглед кон грандиозната Бурџ Калифа, журка во мега-јахта закотвена во „Дубаи марина“, сафари во пустината…



Батериите се наполнети. Тренинзи под облакодерите од стакло и метал, возбуда од исчекување. На ред се натпреварите.
Утредента теренот „Ред бул халф корт“ почнува да грми, како што би рекле ние во Македонија. Нашите момци имаат голема поддршка од нивните семејства, кои на лице место дојдоа да го следат настанот. Бодрењето е гласно, македонското знаме се вее.

Јас, како известувач на „Слободен печат“, ја имав ретката привилегија единствена од Македонија да ги пренесам убавите вести од Дубаи. Меѓу најдобрите „3х3“ баскет екипи на светот се и македонските претставници од тимот Еуроедил холдинг.

Почнува турнирот. Новинарката заборави дека треба да биде непристрасна, па дури и кога известува за тим што ја претставува државата. Ме понесува навивачка треска, гласот не се штеди за поддршка во натпреварот против фаворизираната екипа од САД. Уште на почетокот – големо изненадување; совладан е противникот од земјата каде што е измислена кошарката. И тоа убедливо – 13:7!

Надмината е почетната трема и психолошкиот притисок. Следуваат триумфи против Малдивите (21:7) и пласман во четвртфиналето. За влез во полуфиналето паѓаат и „самураите“ од Јапонија (14:9), а вистинското крешендо настапува против Молдавија (21:4).

Македонија нема време за губење, на ред е големото финале под „Музејот на иднината“. Вистински спектакл со дрон шоу, светски гости, специјални ефекти на сцената, атмосфера што не се доживува двапати.
Египет слави во финалето со 21:12. Македонија е светски вицешампион. Тимот Еуроедил холдинг застанува на пиедесталот, закитен со сребро. За нас, со сјај на злато. Се исплатија двомесечните напорни подготовки и интензивни тренинзи.

Во тој раскош и блесок под рефлекторите успевам да направам и по некое интервју со светски познати кошаркарски брендови: ВНБА американската ѕвезда Арике Огунбовале, членка на Далас Оинг, легендарниот Србин Душан Булут, четирикратен шампион на Светската „3×3“ лига и олимпиец, прворангиран на ФИБА ранг-листата во категоријата „3×3“ кошаркари. Тука е и интернет-легендата „Професорот“ (The Professor).

Во целата мешаница, се протнав на терен во обид и јас да дадам некој кош. Промашив, но не се разочарав. Погодија тие што требаше.


