ВИДЕО | Интервју со д-р Аспазија Софијанова: Верувам дека и за децата, ковид вакцината ќе влезе во стандардниот календар за имунизација

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Доктор Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести во интервју за „Слободен печат“ открива дека вакцината против ковид, ќе стане дел од календарот за стандардна имунизација и за децата.

Иако засега во САД и во Британија само се тестира за да се види каков ефект има вакцината кај децата од 12 до 16 години, според доктор Софијанова, сосема е извесно дека за да се избегнат сериозни последици од ковид кај најмладите, вакцината против ковид ќе биде дел од стандардната имунизација и кај децата, како што ќе се подобруваат нејзините перформанси.

-Вклучена сум во Европската академија на педијатри, за формирање на мислењето за Балканот заедно со колегата Миливој Новак од Хрватска и ние ги дебатираме тие теми. Повеќе или помалку заради клиничката слика највеќе, не се вакцинираат децата. Сепак да не урочиме, меѓутоа смртноста на децата во Македонија е нула. А во другите држави се става на број по некое детенце кое има дополнителен коморбидитет. Затоа се дава предност на возрасната категорија која страда и е главно над 40 години. Ним им се дава предност. Има најнова мултидисциплинарна студија од Британија и САД, која ги опфаќа децата од 12 до 16 години. Верувам дека и тие ќе почнат да добиваат вакцина. А за тие под 12 години, ќе биде нешто што ќе се случува следната година, но не верувам дека децата ќе бидат поштедени. Верувам дека и во стандардниот календар за имунизација ќе ја внесеме ковид вакцината. Подобрувањето на квалитетот на вакцините, ќе ја намали и старосната граница на давање на вакцината. Верувам дека набрзо и корона вакцината ќе влезе во стандардната имунизација и кај децата, за да не дозволиме возрасните да страдаат како што тоа се случува сега, вели доктор Софијанова во интервјуто за „Слободен печат“.

Бидејќи од почетокот на пандемијата активно е вклучена во третманот на најмладите на Детската клиника, таа коронавирусот го прележала без последици и „на нога” низ ходниците на Детската клиника помагајќи им на најмалите пациенти.

-Да, сум го поминала ковидот на нозе, бидејќи во тогашниот период кога почна пандемијата пред година и половина, го водев ургентниот центар каде што се правеа тестовите и јас го водев прва. Прва бев што остана 48 часа со дете суспектно на ковид. Меѓутоа ова дете беше во извонредна тешка состојба. Останав долго внатре, не бев исплашена. Не беше ковид позитивно детето, но мојата желба да помогнам и да го извадам од критичната состојба беше многу поголема отколку да размислувам дали ќе се разболам. Или се раѓате со таква премиса или не го носите тој момент во себе, вели доктор Софијанова.

Меѓутоа, во медицинската пракса доктор Софијанова е децидна – ковид кај децата создава подоцнежни компликации, дури откако ќе го поминат вирусот и ќе станат негативни на ПЦР тестот. Високите антитела што ги имаат во организмот по прележувањето, според доктор Софијанова, прават мултисистемски драматични проблеми.

-Децата многу повеќе страдаат во пост ковид фазата. Такви дечиња во серија гледавме во ноември, каде две три дечиња дојдоа во многу тешка кондиција. Не беа ПЦР позитивни, но имаат висок титар на антитела кој кај нив предизвикува многу страшни компликации. И помисливме дека вирусот ги одмина децата, но не испадна така. Излезе дека пост ковид состојбите на прележаните деца со висок титар на антитела, го зафаќаат гастроинтестиналниот тракт, слепото црево, срцето и мозокот, излегоа дека се многу пострашни и такви пост ковид состојби видовме две. Едното беше на супортивна терапија иако имаше само три години, а таа терапија сега се дава на возрасните тешки случаи. Детето дојде во извонредно тешка состојба со анемија, со забрзан пулс, мораше да прима концентрат од кислород. Што значи дека фазата што ја помина детето пост ковид е многу подраматична отколку она што го поминувале неговите родители, рече доктор Софијанова.

Имало 8 дечиња кои како последица на ковид имале миокардит, засегање на срцето со тахикардија, пореметување во ритамот.

Целиот разговор погледнете го во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот