Јетон Шаќири - министер за образование и наука / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Шаќири: Македонија е земја со најмногу студиски програми на еден факултет во Европа

Македонија е земја со најмногу студиски програми на еден факултет во Европа. Само на УКИМ во моментиов има 1.500 акредитирани студиски програми. На истите повеќе од неколку години речиси и да нема студенти. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во емисијата „Утрински печат“ на Слободна ТВ ја потврдува оваа информација и вели дека наставните програми зависат од матичните факултети кои истите ги акредитираат на секои пет години. Планира со високи стипендии да привлече студенти на факултетите каде има запишано по неколкумина средношколци.

Во интервјуто Шаќири вели дека благодарение на ставањето во мирување на штрајкот на Државниот испитен центар матурските испити сепак ќе се одржат на крајот на овој месец и почетокот на следниот. Ветува повисоки плати за членовите на ДИЦ, но чека да завршат преговорите со Социјално-економскиот совет.

-Точно е дека има многу студиски програми. Но тоа зависи од самите факултети. Тие треба да понудат програми и да подготвуваат кандидати за професии кои се бараат. Кај нас се прават акредитации на секои пет години и имаат можност да понудат нешто ново кое се бара на пазарот на трудот. На факултетите каде нема доволно студенти понудивме високи стипендии да се вратат студентите во клупите- вели Шаќири.

За полагањето на матурскиот испит Министерот вели дека тој ќе се одржи според планираното и изразува благодарност на разбирањето на ДИЦ.

– Доколку се пролонгираше полагањето матурантите ќе имаа голема штета. Ќе мораше да се пролонгираат и уписните рокови за факултетите, а можеше да се случи и да се пропуштат уписните рокови на странските универзитети. Членовите на ДИЦ по новиот модел ќе добијат повисоки плати. Тие беа понудени и претходно, но синдикатот не беше задоволен. Сега го чекаме новиот колективен договор и мислам дека за кратко проблемот ќе се реши- уверен е Шаќири.

Според него за две недели ќе се донесе новиот модел на исплата и ќе има повисоки плати.

За печатењето на книгите по странски јазици за основно образование, за кој прво беше објавен оглас па потоа поништен и објавен нов, Шаќири вели дека не станувало збор за оглас туку за повик.

– Ние не знаеме кои фирми се претставници за странските фирми кај нас. Имаш повик за печатење, а сега е објавен оглас на кој може да учествуваат сите. Ќе се одбере учебник кој одговара на програмата. До сега не се анализирани документите кои се поднесени од страна на фирмите- вели Шаќири.

За булингот во училиштата Шаќири објаснува дека за да се реши овој проблем мора да се вклучат сите, цело општество.

– Освен наставниците, мора да се вклучат педагози, психолози во училиштата, а имавме и упатство за пријавување на вакви случаи. Сега работиме со универзитетски професори кои ќе дадат предлози како да се намали булингот. И родителите мора да се вклучат во целиот процес- вели Шаќири.

За студентскиот стандард Министерот вели дека исплатата на студентскиот оброк е по повисока сума.

– Со гласање на Законот за студентски стандард се исплаќаат 140 денари од ден наместо 120. Стипендиите се исплаќаат редовно, а започнува и реновирањето на Студентските домови. Прв ќе се реновира Стив Наумов во Автокоманда, а потоа следуваат другите домови во Скопје- вели Шаќири.

Во интервјуто зборувавме и за програмите во основното образование, за платите на професорите, а одговор добивме и за недостигот на кадар во образованието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот