ВИДЕО – ИНТЕРВЈУ: Сашо Дукоски, Трговска комора: Треба да се фокусираме на борбата против сивата и црната трговија

Сашо Дукоски - претседател на трговска комора / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Прометот во трговијата опаѓа. Со пресметана инфлација, падот во декември 2022 во однос на истиот месец од 2021 година е намален за 0,8 проценти, а само прометот на храна дури 5,1 проценти. Овие податоци се одраз на опаднатиот животен стандард на населението, но и покажува дека на удар е целиот трговски сектор каде се лоцирани 30 отсто од сите деловни субјекти во земјава.

Претседателот на Трговската комора при Сојузот на стопанските комори – Сашо Дукоски, во разговор за „Утрински печат“ вели дека врз намалениот промет влијаат повеќе фактори.

– За жал, бројот на населението варира, се намалува. Според мене многу големо влијание има и начинот на кој се соопштуваат информациите во јавноста, па граѓаните се резервирани во однос на трошењето пари. Во 2022 година не можете да изолирате период од 30 дена, а да нема некаков притисок со информации врз граѓаните – дали се тоа информации за војната во Украина што се случува и која почна минатата година, информации за справување со крајот на пандемијата, притисок преку информации за недостаток на некои основни прехранбени продукти, па информации од монетарната политика – значи серија настани кои влијае на нормалното водење на бизнис, а тоа се одразува таму каде што граѓаните се најактивни, во трговијата- вели Дукоски.

Дукоски вели дека треба да се градат политики кои нема да се темелат само на опстанок на компаниите туку на нивен раст и развој, затоа што го губиме чекорот со регионот и со светот. Како една од клучните забелешки на кои треба да се фокусира државата, според Дукоски е сивата и црната трговија, во секој сегмент, од неиздавање на фискални сметки до непријавени работници. Тој вели и дека има премногу генерализирање во однесувањето на работата на работдавачите.

– Јас ќе го поставам пак ова прашањe: Колку работодавачи ги прекршиле законите, правилата и прописите? Тоа е исто како пред неколку години, кога цела една програма за субвенции беше прекината на долго време затоа што кај еден субјект била утврдена неправилност. Ако сакаме да бидеме чесни, треба да намалиме со популизмот и да бидеме коректни. Ако има субјекти кои не почитуваат работно време, безбедност при работа и ред други законски обврски треба да се фокусираме на нив и да не генеризираме. Треба да се фокусираме на намалување на сивата и црната економија, место да се прават нови регулативи на регулативите во недоглед и така да се удира по работодавачите кои во најголем дел чесно работат, освен изолирани исклучоци. Така ќе се добијат и повеќе пари во државата место да се воведуваат нови даноци и да се проширува даночната база. Така ќе се создадат и подобри услови за работниците – вели Дукоски.

Целото ВИДЕО-ИНТЕРВЈУ погледатје го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот