ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Протојереј Зоран Стаменковиќ: Божиќ да нѐ потсети да се сакаме едни со други и вистински да си подадеме рака
Денеска се празнува нашиот голем христијански празник Божиќ, кој го симболизира раѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Празник кој им носи мир, љубов и надеж на верниците. Отец Зоран Стаменковиќ за овој наш голем христијански празник вели дека симболиката и правото значење на раѓањето на Христос е тоа што Бог, кој е голем и милостив и самиот е љубов, не го оставил човек сам, туку преку личноста на Исус Христос, доаѓајќи на Земјата, тој нѐ спасува, нѐ ослободува од гревот и нѐ воведува во Царството Божјо.
Препорачано
– Ние православните христијани, треба да се потрудиме да бидеме со нашата света православна вера, со Бога, да постиме, да се исповедаме, да се сакаме едни со други, да се трудиме што помалку да си грешиме, вистински да си подадеме рака и да си простиме. Човек кој живее со Бога, живее со верата, го сака Бога и го сака својот ближен, тој човек секогаш ќе биде радосен. И затоа, ние кога се поздравуваме на Божиќ, со поздравот „Христос се роди!“, тоа не треба да биде само кажано со зборови, туку од срце, „Навистина се роди!“, затоашто се роди Богомладенец, кој дојде да нѐ спаси нас, човечкиот род од грев. И еве после 2000 години, ние чествуваме, празнуваме, и си ја чуваме својата вера и празниците кои низ векови ги сочувале нашите претци за нас и така ние треба да ги сочуваме за нашите поколенија. Господ Бог, Богомладенецот, нека да биде сите нас – вели отец Зоран.


