ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Пеце Суперхикс: Работам се` и сешто, во Македонија не може да се живее само од музика

Пеце Суперхикс - фото: ''Слободен печат'' - Агнеса Чаволи

Повеќе од 27 години музичка кариера. Свири на неколку инструменти и е супер татко. Кога не би свирел во „Суперхикс“, би свирел во американскиот бенд „Фу Фајтерс“. Препознатлив лик и глас од ТВ и радио, и секако, пејач и басист на популарниот македонски ска-панк бенд „Суперхикс“. Тоа е накратко Петар Младеновски-Пеце.

Пеце Суперхикс – фото: ”Слободен печат” – Агнеса Чаволи

Пеце е основач и претседател на Здружението за културна мотивација „КУЛТИ-ВАТОР“, бил уредник и новинар во „Лајф-радио“, а и водител на авторската радио емисија „Пецетека“ на „Урбан ФМ“. Моментално негова главна преокупација се идните проекти на Суперхикс, неговиот подкаст „Вербалиум“ и неговиот втор бенд „Брејкдаун-бенд“.

Неговите почетоци со музика биле во петто оделение, играјќи и слушајќи го познатиот американски панк-рок бенд „Рамонс“ со вклучен бас на грамофонски засилувач. Тогаш биле и почетоците на Суперхикс, раната 1994, во гаража, кога момците имале само 16 години…

Пеце Суперхикс – фото: ”Слободен печат” – Агнеса Чаволи

Првиот настап на „Суперхикс“ бил на 3 мај 1994 во клубот „Дорс“ во Дебар Маало, првата песна им се викала „Полис Таун“, а нивната прва преработка на песна се викала „Џандарска Романтика“ преземена од добро познатата „Чаирска Романтика“ на Владо Јаневски.

„Многумина во тоа време бевме инспирирани од полицијата. Тоа беше едно транзициско време во кое полицијата сѐ уште го имаше главниот збор. Па дури еднаш нѐ уапсија на улица, нѐ приведоа…мене, Кечо и Борче, поради тоа што не сме имале фактури дека засилувачот бил наш“, вели Пеце за „Слободно“ со Агнеса.

„Суперхикс“  свиреле на повеќе од 200 концерти, во околу 30 држави и имаат 6 студиски албуми зад себе.  Тие пред неколку години го одбележаа 25-тиот јубилеен концерт за кој Пеце вели дека му е еден од најубавите и најдрагите моменти во кариерата, а ја споменува и интеракцијата со публиката, кога се обидел да се ракува и гушне со поголем дел од присутните на концертот.

Пеце Суперхикс – фото: ”Слободен печат” – Агнеса Чаволи

Пеце и Суперхикс планираат да ја заокружат 30 годишната музичка кариера со јубилеен концерт кој ќе биде голем спектакл во Македонија.

“25 години Јубилеј помина пред четири години. Следниот март веќе стигнуваме до триесетата…и за тоа се подготвуваме, ќе видиме што ќе биде. Планираме да направиме доста откачени работи. Од документарец, изложба, голем концерт итн“, вели Пеце.

Зборувајќи за промените, за новите генерации, Пеце многу ја поддржува младата сцена, младите бендови. Неговата цел во музичката сфера може да се рече дека веќе е постигната. Тој вели дека добар дел од работите кои ги планирале, како тоа да свират со познати бендови и артисти како „Фејт Ноу Мор“, “Хаус оф Пејн“, “Ману Чао“ и “Грин Деј“, се моменти коишто не се забораваат.

Пеце Суперхикс – фото: ”Слободен печат” – Агнеса Чаволи

Пеце освен што се занимава со музика, приватно е сопруг и татко на две деца за кои вели:

„Не мислам дека сум перфектен татко, мислам дека има моменти кога грешам, па се каам, меѓутоа се трудам да бидам добар татко. Минативе дваесет години работам сѐ и сешто. Многумина мислат дека може да се живее само од музиката што ја твориме со „Суперхикс“ овие 30 години. Не е баш така…за жал“, вели тој.

Проследете го целото видео на линкот подолу…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот