ВИДЕО: Иницијатива против урбано дивеење: Ќе бараме средба и со Заев за да се спречи урбаната мафија во Ѓорче

Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров организираше протест за да го искаже незадоволството од донесувањето на ДУП со кои ќе се овозможи изградба на голем број згради. Еден од членовите на иницијативата, Горан Костов денеска во Утрински брифинг нагласи дека со донесувањето на ДУПот ќе се оневозможи хуманото живеење во населбата, и тоа за бизнис цели на одредни поединци. 

-Во саботата одржавме една предупредувачка блокада со цел да го искажеме нашето незадоволство по однос на 25 ДУП-ови кои треба да се изгласаат во следните осум месеци. Во петокот доставивме и барање за средба со министерот Благој Бочварски за да можеме да му ги образложиме проблемите со кои се соочуваме. Се уште не сме добиле одговор, но се надеваме на прием. Доколку министерот за транспорт и врски не сака да оствари средба со нас, ќе побараме и средба со премиерот Зоран Заев, вели Костов.

Тој објаснува дека во паркот во Ѓорче Петров ќе бидат изградени 17 згради со 33 ката, на површина од околу 2.400 метри квадратни.

-Спроти пазарчето во Ѓорче исто така има најавено донесување на Детален урбанистички план за изградба на згради, во Хром е најавена изградба на сто згради, а во Дексион Јурија е најавено изградба на 20 згради со висина од околу 60 метри. Тоа всушност е проблемот кој ги тишти граѓаните на Ѓорче Петров. Градоначалникот тврди дека станува збор за наследен ДУП од 2014 година, меѓутоа согласно законот и правилниците за донесување на ДУП, треба да се ангажира агенција која ќе направи инвертаризација на фактичката состојба на терен, потоа треба да ги анкетира граѓаните и врз основа на тоа д се донесе ДУП кој е во согласност со желбите и потребите на граѓаните, а не на градоначалникот и неговите лични интереси, рече Костов.

Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров има поднесено и барање за ревидирање на одредени ДУПови до Уставниот суд, но претставките се одбиени. Од Иницијативата најавуваат нови протести доколку локалната и централната власт не покаже интерес за нивниот проблем.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот