ВИДЕО I Психолог Ивановска: Се зголемува бројот на жени жртви на насилство кои бараат стручна помош

Фото: youtube/printscreen

Во текот на една недела, во советувалиштето при Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, се јавуваат околу 20 жени кои биле жртви на сексуално насилство или вознемирување, вели психологот Фросина Ивановска.

– Секако дека ова се должи на зголемениот број на кампањи, на информации и реакции што се споделуваат во однос на неприфатливоста на сексуално насилство и сексуално вознемирување, што беше актуелно во овој период со „Јавна соба“. Меѓутоа, генерално, мислам дека се должи на зголемените напори на сите организации и специјализирани услуги кои се обидуваат да стигнат до сè поголем број на жени и девојки кои претрпеле различни облици на насилство. Бројката не само на нови, туку и оние кои редовно добиваат поддршка, бидејќи таа поддршка не се состои само од еднократно јавување е околу 20 жени неделно. Сите жени кои се обраќаат за помош, чувствуваат првенствено срам, бидејќи сексуалното насилство и сексуалното вознемирување се навистина тешки и непријатни искуства за споделување, вели Ивановска.

– Но, има жени кои доаѓаат со чувство на страв, во однос на тоа дали ќе прекине и страв доколку се охрабрат да го пријават и да побараат помош, дали тоа ќе значи заштита, поддршка и прекин на овие однесувања или, пак, можеби ќе значи зголемување на насилството зашто имало и такви случаи, вели Ивановска за „Утрински брифинг“.

Таа објаснува дека поддршката и помошта за жртвата мора да биде со нејзина согласност.

– Првично, стручњаците кои работат со овие проблеми прават проценка дали во моментот девојката или жената е сè уште е изложена на некаков ризик и дали насилството е прекинало или сè уште трае и колку е тоа опасно и за нејзиниот физички интегритет, но и за нејзиното психичко здравје. Потоа, со согласност на жената што е жртва, се договараме што може натаму да преземеме, затоа што пријавувањето во надлежните институции може да значи дополнителна вознемиреност и изложеност, додава Ивановска.

Целиот разговор со психологот Фросина Ивановска може да го погледнете во видеото

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот