Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Хрватска со најголема воена набавка досега – стигнуваат нови тенкови и системи за заштита

Владата на Хрватска донесе одлука за набавка на системи за противдронска заштита, 18 француски хаубици „Цезар“, 44 тенка „Леопард“ 2А8 и 420 тешки теренски камиони ТАТРА, во вкупна вредност од речиси две милијарди евра.

Заменик-претседателот на Владата и министер за одбрана на Хрватска, Иван Анушиќ, изјави дека смета дека хрватската воена индустрија ќе има корист од оваа набавка.

Дел од таа опрема, истакна тој, веќе постои во Вооружените сили, но ресурсите на таа опрема се при крај, односно пред завршување.

„Целта и задачата на еден дел од проектот е промена на целокупната наша опрема и премин од источна на западна технологија“, рече Анушиќ.

Како што нагласи, станува збор за најголемиот финансиски пакет со кој се опремуваат и модернизираат Вооружените сили на Република Хрватска, а целата оваа опрема ќе пристигне до крајот на 2030 година.

Тој ги коментираше и претходните критики на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека тенковите што се набавуваат се прескапи и лесно се уништуваат.

„Кога се одлучува за купување опрема, постојат одредени процедури кои пред самата набавка ги спроведуваат Вооружените сили. Одредени студии, одредени барања за потребите и одредени тактички студии што нè насочуваат каде е потребно и на кој и каков начин, со што да се опремуваме“, изјави Анушиќ.

Тој истакна дека „Леопард“ 2А8 во овој момент се најмодерните тенкови во светот и сè уште никаде не се во оперативна служба; дури сега се направени прототипови и претставени.

„Тенкот поседува противдронска, односно противоклопна заштита Trophy, што во овој момент го прави единствениот тенк во светот со тој систем на заштита. Постојат причини зошто е скап. Тоа се во моментов најдобрите тенкови на светот што може да се купат на пазарот“, наведе Анушиќ.

Обуките, додаде тој, ќе се спроведуваат во Хрватска.

Тој нагласи дека хрватските компании што се занимаваат со вооружување и опремување во моментот потпишуваат сериозни и големи договори со различни земји во светот, не само со членки на НАТО и Европската Унија, пренесе ХРТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот