Фото: Принтскрин

ВИДЕО | „Ги убивате сите деца, вклучително и вашите“ – струмичани излегоа на протест, бараат чист воздух

Со пораки за итна заштита на јавното здравје и остар револт кон надлежните институции, во Струмица денеска се одржа протест за чист воздух.

Граѓаните јавно реагираа на, како што наведоа, долгогодишниот проблем со аерозагадувањето и континуираната институционална незаинтересираност да се преземат ефикасни мерки.

Учесниците на протестот носеа транспаренти со пораки: „Колку пари чини еден живот“, „До кога ќе бидеме депонија Европа“, „Ги убивате сите деца, вклучително и вашите“, „Надлежни за плата, ненадлежни за воздух“, „Корупцијата труе повеќе од индустријата“ и „Од смогот не се гледа иднината“, со кои побараа итна реакција и конкретни чекори за намалување на загадувањето.

Од говорницата беа упатени остри критики кон институциите, при што беше истакнато дека молкот и отсуството на одговор не се случајни, туку претставуваат свесна политика.

Говорниците нагласија дека се работи за стратегија на одолговлекување и „купување време“, во која се дозволува да помине уште една сезона, уште една зима или лето, додека здравствените последици по граѓаните се продлабочуваат.

„Кога државата не реагира како во вонредна состојба, таа испраќа порака дека нашето здравје е колатерална штета“, беше порачано, со предупредување дека загадениот воздух директно го нарушува квалитетот на животот, а најтешко ги погодува децата, старите лица и хронично болните.

Протестот помина со извици „Сакаме да дишеме!“, а присутните најавија дека ќе продолжат со притисокот кон надлежните институции сè додека не се преземат сериозни, системски и долгорочни мерки за решавање на проблемот со загадениот воздух.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот