Поплавената улица зад СЦ „Кале“ / Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Газејќи на автомобилски гуми и потпрени за ѕид, граѓани едвај ја преминуваат улицата зад СЦ „Кале“

Граѓани што работат во оваа околина ни се пожалија за сериозниот проблем со кој се соочуваат секогаш кога ќе заврне дожд, а во овој есенски период од годината дождот е речиси секојдневна појава, со што сервисната улица е во континуиран колапс – поплавена и непристапна за сите што мораат оттаму да поминат за да стигнат на работа или до својот автомобил

Обилните дождови во изминатава недела што неколкупати беа најавувани од УХМР поради нивниот обем и последиците што можат да ги предизвикаат, по којзнае кој пат поплавија голем број улици и булевари низ Скопје, меѓу кои „под вода“ отиде и сервисната улица сместена зад Спортскиот центар „Кале“ во центарот на Скопје, сместен веднаш до кејот на Вардар.

Улицата, иако не е повеќе од 20-ина метри и е сервисна, е единствениот пат за сите граѓани што одат кон службениот влез на спортскиот центар, како и огромниот паркинг зад центарот каде што се паркираат стотици вработени во многубројните фирми во околината, каде што се сместени и канцелариите на ЈП „Водовод“, амбулантата „Кале“ и многу други објекти.

Оттука исто така единствено се поминува за да се дојде и до мостот што оди преку Вардар и излегува кај познатиот ресторан „Жабарот“, бидејќи алтернативата е да се прави огромен круг покрај амбулантата, каде што преку ден е тотален хаос поради фреквенцијата на сообраќај како и големиот број паркирани возила што ова место го прават вистинско „тесно грло“ и единствена опција за возачите и за пешаците, со оглед на тоа што единствениот пат се поплавува и е целосно непрооден за пешаци и за помали возила.

Граѓаните потпрени на ѕид одат покрај поплавената улица

Граѓани што работат во оваа околина ни се пожалија за сериозниот проблем со кој се соочуваат секогаш кога ќе заврне дожд, а во овој есенски период од годината дождот е речиси секојдневна појава, со што сервисната улица е во континуиран колапс – поплавена и непристапна за сите што мораат оттаму да поминат за да стигнат на работа или до својот автомобил.

Поплавената улица зад СЦ „Кале“ / Фото: Принтскрин

Паркот веќе го нема, на негово место ќе „никне“ зграда

Од левата страна на улицата се наоѓа кошаркарската сала при СЦ „Кале“, додека, пак, од десната страна порано имаше голем парк со фонтани, патеки и клупи за одмор на сите спортисти што се натпреваруваа во една од салите при спортскиот центар како и за пауза на вработените во околните објекти. Сега, сосема „нетипично за Скопје“, таму има градилиште и веројатно за некоја година ќе „никне“ одреден станбен или деловен објект.

Со оглед на фактот дека на местото од паркот се гради, сега наместо патеки за пешаци, целата десна страна од улицата е заградена со високи лимени огради поради кои пешаците немаат никаква патека или тротоар преку кој можат да ја преминат улицата или да се движат покрај неа.

Улицата постојано се поплавува

Кулминација на овој проблем се случува во врнежливите периоди, а последно, улицата се поплави во вторникот со засилување на дождовите, со што граѓаните и во овие ситуации кога се оставени без избор успеваат да најдат некаков начин да пројдат низ, како што велат, „езерото“ зад „Кале“ – поставуваат автомобилски гуми на кои се качуваат на самиот почеток на улицата каде што водата не е толку длабока, па оттаму прават „слалом“ кон ѕидот од кошаркарската сала, каде што има рабник на кој се качуваат и така „лека-полека“ започнуваат со нивната „20-метарска авантура“ до крајот на улицата, залепени за ѕидот.

Поплавената улица зад СЦ „Кале“ / Фото: Принтскрин

Граѓани ни испратија видеа и фотографии од поплавената улица каде може да се забележи сето тоа што тие нам ни го пренесоа, односно сѐ што е набројано погоре, а на видеото се гледа агонијата низ која, како што вели една вработена во околните фирми, секојдневно се принудени да поминуваат за да стигнат на работа.

– Улицата е сервисна и е сместена зад Спортскиот центар „Кале“, но таа е единствена во околината од каде што можеме да одиме на работа, а исто така само оттаму може да се дојде до задниот службен влез на „Кале“, како и до мостот што води преку Вардар до „Жабарот“. Ситуацијата е многу сериозна, секојпат кога ќе заврне е истата приказна – улицата се поплавува и е во целосен колапс, а ние немаме друг избор или алтернатива па се снаоѓаме. Еве, како што може да видите, користиме гуми од автомобили што ги поставуваме на улицата и преку нив се качуваме на рабникот покрај ѕидот од салата и оттаму, покрај поплавената улица, некако успеваме да преминеме – вели жена што работи во овој реон.

Таа додаде дека целата оваа работна недела морале на овој принцип да ја преминуваат улицата, нешто што не доликува за ниту еден град во светот, особено не за главен град што некои го нарекуваат метропола или „ќе биде метропола“.

На патот нема ниту едно улично светло

Освен проблемот со поплавувањето ни го потенцираше и отсуството на какво било светло долж улицата, односно таа изјави дека секое попладне, секако кога улицата е проодна и не е поплавена, кога си оди одовде е целосен мрак, што за неа, како што вели, е страшно и тотално небезбедно.

– Улицата е мала и тесна, а навечер воопшто не е осветлена, нема ниту една светилка и сме принудени да одиме во мрак, што за девојка што сама пешачи навечер, но и попладне бидејќи сега веќе во 16 часот е мрачно, е навистина страшно и се чувствувам загрозено – вели таа.

Понатаму, таа порача дека е редно време некој да преземе нешто и да го реши овој елементарен и најбанален проблем поради кој многу граѓани се соочуваат со непотребни препреки и страв за да стигнат на работа или за својот автомобил.

Прво објектот во изградба да добие технички прием, а потоа Општината ќе реагира

Во однос на апелот за некој да преземе нешто во врска со овој проблем, ние упативме прашања до Општина Центар, во чии граници се сместена оваа улица. Ги прашавме зошто улицата е оставена во мрак и зошто не се реши проблемот со нејзино постојано поплавување, поради кое целосно се блокира пристапот до сите споменати објекти и локации.

Оттаму ни одговорија дека причината зошто никој не работи на поправање и осветлување на улицата е токму новонастанатото градилиште кое ги има ставено општинските обврски на „стенд бај“.

– Ве известуваме дека во непосредна близина на предметната улица сѐ уште се изведуваат градби. Тие треба да завршат и да направат технички прием за да може да се изведе предвидената улица во согласност со предметниот ДУП – велат од Општина Центар за „Слободен печат“.

Со чекањето на техничкиот прием за објектот во изградба, кое може да трае со месеци, ако не и години, по примерот на многу други згради низ Скопје кои две до три години чекале пред да го добијат, граѓаните остануваат без алтернатива и со надеж дека оваа зима ќе нема многу врнежливи денови за да не мораат повторно потпрени на ѕид и газејќи на автомобилски гуми да ја преминуваат оваа заборавена и запустена улица во центарот на Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот