ВИДЕО: Џафери без најава го посети СВР Тетово, со остар тон кон вработените„ што се правеле досега“

Техничкиот премиер Талат Џафери денеска беше во ненајавена посета во СВР Тетово и ги посети канцелариите каде што се поднесуваат барања и се врши фотографирање на граѓаните за лични карти, пасоши и возачи дозволи со новото уставно име Република Северна Македонија. Посетата ја следеа дел од медиумите на албански јазик.

Џафери во изјава за медиумите истакна дека по посетата констатирал дека во СВР Тетово недостига организација во извршувањето на задачите на дневна основа.

„Како што најавив во Владата, институциите да не се изненадат што без најавување ќе ги проверувам вршителите на работите и обврските што ги имаат. Општ впечаток е дека недостига организација во извршувањето на задачите на дневна основа и релевантната институција во однос на организацијата ќе треба да се потруди примањето на документите да се одвива во една форма и обезбедувањето на готови документи во друга форма и луѓето чекаат да бидат информирани. Да бидат ​​организирани посебно. Да не бидат сите на едно место. Тие мора да бидат одвоени – тие што треба да ги поднесат барањата да бидат на едно место, а оние што треба да ги примаат готовите документи да бидат на друго место. Не смее да биде вака, да има гужви. Мора да се комуницира со граѓаните“, рече тој.

Потенцира дека не е во негова надлежност да бара одговорност од вработените во СВР Тетово, туку ќе побара од министрите и замениците министри кои, како што рече, се надлежни за нивната работа.

„Не е моја надлежност да барам одговорност од нив. Ова е работа на надзор над работата на одговорните пред мене, а пред мене поднесуваат одговорност министрите и замениците министри и на нив ќе им се каже она што го најавив дека ова е начин на контролирањето, вршењето надзор над работата на оние кои треба да им поднесуваат одговорност на нив“, рече Џафери.

Во една од канцелариите каде што се прави фотографирање за замена на возачите дозволи, Џафери праша „Како ви оди“ на што еден од вработените рече дека е тешко, има многу замена и дека имаат само една базна станица.

„Што сте правеле досега кога законот вели од кога треба да се издава, да се менува, му рече Џафери, на што вработениот одговори „Ние сме биле тука, којшто дошол сите биле услужени“

.

Џафери продолжи со разговор и рече дека иако има нов рок декември ќе дојде како утре.

„Вие сте овде за да ги услужите овие луѓе надвор што се, рече Џафери и почна да зема документи од луѓето и да им ги дава на вработените. Нека излезе еден нека ги собере документите. Тој што треба да плати, дали се во ред документите, тој што има термин нека го чека терминот. Треба да ја организирате работата“, даваше насоки техничкиот премиер.

Вработен во овој оддел му порача дека цело Тетово и Тетовско за замена на возачка дозвола се фотографираат само на тоа едно место кај нив.

Видеото што го објави порталот Нистори следеше речиси пет минути од разговорот на Џафери со вработени, а за цело време граѓаните го чекаа да замине за да продолжат со процедурата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот