ВИДЕО | Девојка од Куманово бара помош на „Инстаграм“ зашто ниедна психијатриска установа не го хоспитализира татко ѝ кој е насилен алкохоличар
Девојка од Куманово, на својот профил на „Инстаграм“, во видеопорака бара институциите на системот да ѝ помогнат да биде хоспитализиран нејзиниот татко кој има дијагноза дека е алкохоличар. Тој вчера бил пријавен во полиција затоа што на неговата сопруга и мајка на девојката ѝ се заканил дека ќе ја убие, но таа имала тавче со врело масло од пржење јајца како штит и така се одбранила.
Препорачано
Потоа бил пријавен во полиција, од каде бил пренесен во психијатриското одделение во кумановската болница каде и сега се наоѓа. Но, од оваа болница на семејството му кажале дека утре ќе го пуштат дома, дека најмногу можат да го хоспитализираат 48 часа, а кога се јавиле во Бардовци, од таму им кажале дека нема место бидејќи се реновира оддел.
Сопругата на човекот, во разговор за „Слободен печат“ рече дека тој претходно успешно бил излекуван од алкохолизам дека 6 години бил „чист“ и дека сака да ѝ биде помогнато повторно да го изоди тој пат каде ќе му се понуди институционална помош на нејзиниот сопруг и татко на нејзините деца. Според неа, кога ќе се напие човекот е агресивен, исфрла работи од шкафот, вика, а под дејство на алкохол се појавил и во болница каде зимоска било лекувано нивното помало дете.
Според неофицијални информации на „Слободен печат“ човекот има решение за упатување во психијатриска болница Бардовци, но таму немало место. Во болницата „Демир Хисар“ исто така според сопругата, немало да го примат човекот на лекување. Народниот правобранител при контрола во психијатриската болница „Демир Хисар“ во декември 2025 година затекнал околу 20 осудени лица кои, според утврденото, не страдаат од психички заболувања, туку се здрави и пресметливи лица упатени на лекување наместо на издржување затворска казна, со сомнежи дека психијатри им издале лажни вештачења за да куртулат од затвор.
Секторот за внатрешни работи Куманово е запознаен со случајот и интензивно се работи за расчистување на истиот. По консултација со Основно јавно обвинителство и други надлежни институции ќе бидат преземени конкретни мерки против П.Ц. од Куманово, велат од МВР за „Слободен печат“.


