ВИДЕО | Бучковски: Бугарското општество сѐ уште не е подготвено да поддржи кревање на блокадата

проф. д-р Владо Бучковски / Утрински брифинг

Денеска во 10 часот ќе биде промовиран нов клуб на пријателство меѓу Бугарија и Македонија. Тоа е неформална мрежа на видни интелектуалци од двете земји кои не се откажуваат од желбата за искрен дијалог во моменти за кои сметаме дека се критични, вели проф. д-р Владо Бучковски, кој е дел од оваа мрежа, за Утрински брифинг.

-Се обидуваме со граѓански ангажман да се спротивставиме на говорот на омраза на оние кои го искористија моментот на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“. Оваа влада на Петков е на стаклени нозе. Мојата улога, пак, е поврзана со граѓанскиот сектор оти сметам дека напорите на политичарите не се доволни, вели Бучковски за Утрински брифинг.

Тој смета дека поголема е нервозата во Софија отколку во Скопје, а политиката на ВМРО-ДПМНЕ е константна. Сметам дека треба да побараме и ние гаранции за заштита на идентитетот и ова да премине во надградба на договорот за пријателство, вели Бучковски.

-Владата на Петков која најави дека ќе работи за иднината, а не за минатото предизвика нервоза во Бугарија. Тој беше изложен на напади и од националистите во Бугарија, но со право ги загуби и симпатиите во Македонија. Ние бараме точки што можат да нѐ поврзат. Двете земји се охрабрени од ЕУ дека сега е моментот да се постигне договор, но како да се нема расположение. Османи рече дека како да се затвора прозорецот, но не треба така, мора да се работи на приближување, вели Бучковски.

За можноста Русија да го искористи овој момент, Бучковски вели дека таа секако ќе го искористи и го користи, оти прашањето не е само меѓу Бугарија и Македонија туку се однесува и на ЕУ.

-Односите помеѓу двете влади се на потребното ниво, но не можат да го имаат потребниот ефект кога во Бугарија има министер за надворешни работи која го обвинува Петков дека води издвоена агенда од онаа на владата. Бугарското општество сѐ уште не е подготвено да поддржи кревање на блокадата, вели Бучковски.

Оваа мрежа што ќе се оформи денес треба да покаже дека може да има дебата дури и кога има спротивставени ставови, вели Бучковски и додава дека Стефан Дечев денес ќе предложи формирање на историска комисија во сенка која на научно ниво ќе дебатира.

-Прашањата на личности и настани кои нѐ поврзуваат се најспорните точки кои го одржуваат меѓусебниот конфликт замрзнат и тоа требаше да се очекува уште на почетокот. Ветото направи мечкина услуга на Бугарија која со ова го загуби лидерството со зголемувањето на говорот на омраза, вели Бучковски кој додава дека преговорите што се водат меѓу двете влади треба да бидат потранспарентни.

Проследете го целиот разговор во видеото

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот