ВИДЕО | Барселона двапати израмнуваше, Мајорка освои голем бод

Во рамките од седмото коло во шпанската Ла Лига, Барселона одигра само реми (2:2) против Мајорка.
Мајорка во натпреварот вечерва прва стигна до водство и тоа по една катастрофална грешка на голманот на Барселона, Тер Штеген. Германскиот чувар на мрежата имаше едно лошо додавање по кое Санчез му асистираше на Муричи за 1:0.
Барселона по овој гол на Мајорка имаше повеќе од играта и создаваше прилики пред противничкиот гол. Се играше 41. минута кога Рафиња постигна гол за 1:1.
Но, Мајорка повторно до крајот на првиот дел успеа да дојде до гол и нова предност. Муричи сега беше во улога на асистент, а мрежата на Тер Штеген ја погоди Пратс.
Во второто полувреме Барселона потешко создаваше шанси за гол, иако имаа и 70% посед на топка. Една од ретките шанси во гол ја претвори 20-годишниот Фермин Лопез.
Со овој бод Барселона дојде до 17 освоени бодови по седум кола, а Жирона и Реал Мадрид добија прилика со евентуални победи да го преземат врвот на табелата. Жирона е втора со 16 бода, Реал трет со 15.
Во натпреварот кој се играше денес претходно, Севиља со убедливи 5:1 славеше против Алмерија.