ВИДЕО: Армијата се модернизира со осум италијански хеликоптери, набавката тежи 230 милиони евра

Славјанка Петровска, министерка за одбрана/Фото: Слободен печат

Во Македонија до крајот на 2028 година треба да пристигнат вкупно 8 повеќенаменски хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо Хеликоптерс“. Првиот доаѓа во втората половина на 2026 година, па сукцесивно какошто ќе се произведат, ќе пристигнат во државава. Јавната набавка на овие воздухоплови е тешка 230 милиони евра.

Станува збор за четири хеликоптери од типот АW149 и четири од Типот АW169M, а првата рата од авансното плаќање во износ од околу 36,8 милиони денари односно 14 проценти, кај реномираната италијанска фирма согласно договорот кој министерката за одбрана Славјанка Петровска ќе го потпише другата недела, ќе се исплати годинава, а наредната ќе бидат исплатени 42 проценти од набавката.

-Вкупната цена е фиксна, без разлика на условите на пазарот и промените во цените во воената индустрија кои постојано се зголемуваат, рече министерката Петровска и додаде дека станува збор за целосен пакет кој вклучува освен набавка и одржување, резервни делови, опрема, обука на пилотски и технички персонал, тренажа како и изградба на хангар за хеликоперите кои може да извршуваат освен воени и цивилни задачи, и да служат за разни други намени.

Хеликоптерите освен што служат во борбени операции, може да бидат ангажирани и во мисии за пребарување и спасување, евакуација, извидување, гаснење на пожари, а се интероперабилни со НАТО членките.

Дополнителна помош и поддршка за хеликоптерите ќе пружи и Министерството за одбрана на Италија, со кое утре ќе се потпише договор за соработка преку италијанскиот амбасадор во Скопје.

Набавката е во согласност со Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023 – 2032 година и плановите на Армијата за модернизација на воздухопловната компонента и италијанската компанија „Леонардо“ е избрана од Интегрираниот проектен тим составен од експерти во МО и Армијата уште во 2019 година и притоа со години се скенирани и разгледувани повеќе понуди, додека на тендерот во МО освен италијанската со понуда излегол и германско – француски конзорциум, како и производители на хеликоптери од САД и Канада.

Во меѓувреме, во периодот од 2028 година кога треба да пристигне последниот хеликоптер од набавката од Италија, во целосна функција за потребите на Армијата и на цивилната заштита ќе бидат 5 од вкупно 6 воздухоплови кои се пратени на ремонт и се очекува во текот на јуни и јули да се вратат назад во Воздухопловниот ВИНГ. Согласно плановите Ми-8МТ и Ми-17 полека ќе се повлекуваат од употреба во периодот од 2025 до 2032 година, период кој ќе се преклопи со воведувањето на новите повеќенаменски хеликоптери.

Инаку, буџетот на одбраната  изнесува 2,05 проценти од БДП, од кои речиси третина околу 100 милиони евра се наменети за инвестиции во нова и модерна опрема.

Неодамна и САД ја одобри набавката на лесни оклопни возила JLTV и на противоклопни системи ‘Javelin’, што е дел од плановите за модернизација.

Министерството за одбрана во наредниот период најави и оглас за пилоти кои ќе управуваат со новите италијански летала, а ќе се обучуваат во Академијата на Леонардо во Италија, а потоа и на домашен терен, во специјалниот тренажен центар на производителот како и во Центарот за обука на пилоти на Армијата. Покрај строгите критериуми за пилоти, кандидатите не смеат да ја поминат возрасната граница од 28 години.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот