ВИДЕО | Аргентина во натпревар со рекордна посетеност во Алабама го победи Исланд, гол постигна и Меси
Аргентина со убедливи 3:0 го совлада Исланд во последниот подготвителен натпревар пред почетокот на Светското првенство. Стрелци за актуелниот светски шампион беа Валентин Барко во 8. минута, Меси од пенал во 72. минута и Тијаго Алмада во 87. минута.
Препорачано
Натпреварот се одигра пред 88.043 гледачи на стадионот на универзитетскиот кампус во Обурн и влезе во историјата како најпосетен фудбалски натпревар досега во американската сојузна држава Алабама.
Со оваа победа, актуелните светски шампиони ги завршија подготовките за одбрана на титулата само еден ден пред почетокот на Светското првенство и една седмица пред нивниот прв настап на турнирот.
Меси влезе во игра во 70. минута, а само две минути подоцна со одлично додавање го исфрли Лаутаро Мартинез сам пред противничкиот голман. Чуварот на мрежата на Исланд, Елијас Олафсон, го собори аргентинскиот напаѓач, по што беше досуден пенал.
Одговорноста ја презеде Меси и сигурно ја затресе мрежата. Тоа беше негов 117-ти гол за Аргентина на 199-тиот настап во националниот дрес.
Аргентина настапот на Светското првенство го почнува против Алжир на 17 јуни. Пет дена подоцна ќе игра против Австрија, а групната фаза ќе ја заврши на 28 јуни со дуел против Јордан.


