ВИДЕО | Андоновиќ: Промени во безбедносните украински ресори во пресрет на руската офанзива

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го смени министерот за одбрана Олексеј Резников. Причина за оваа смена, како што се наведува, е корупцискиот скандал во ова министерство, поради што Резников, кој и натаму е лојален на владата на Зеленски, ќе биде префрлен на друго работно место во владата, најверојатно на функција нов миснитер за правда.

На негово место според медиумите во Киев доаѓа 37-годишниот поранешен директор на воената разузнавачка агенција Кирило Буданов. Со чин генерал-мајор, Буданов е на чело на военото разузнавање од август 2020 година.

Резников помогна да се обезбеди западно оружје за помош на украинските сили, а неговата смена од министер за одбрана ќе биде најзначајната промена во владата меѓу многуте оставки и отпуштања по корупцискиот скандал на крајот од минатиот месец и ветувањето на Зеленски дека Украина ќе ги исполни западните стандарди за чесно владеење.

Скандалот се состоеше од договори за храна со многу големи цени. Поради негодувањето на јавноста, беше разрешен еден од заменик-министрите на Резников, додека двајца други високи функционери исто така ги напуштија своите позиции.

Многумина сметаат дека смената на Резников е најголем потрес на воената влада на Зеленски од почетокот на руската инвазија на 24 февруари минатата година.

Значаен проблем во безбедносниот апарат на Украина е и неодамнешната хеликоптерска несреќа во која загина украинскиот министер за внатрешни работи Денис Монастирски. Неговиот претходник на ова клучно министерстко место, поранешниот украински министер за внатрешни работи Арсен Аваков, минатата недела беше приведен од припадници на службата за безбедност како дел од истрагата за купување хеликоптери „Ербас“.

Во услови кога Украина е во тотална војна, за која добива огромна странска помош, владата на Зеленски се соочува со сериозни корупциски скандали.

За разлика од почетокот на војната пред речиси една година кога украинските политичари, барем јавно демонстрираа слога против заедничкиот руски непријател, сѐ погласни се шпекулациите дека не сите во Киев гледаат на украинската борба низ дијоптријата на Зеленски. Многумина шпекулираат дека актуелниот шеф на украинскиот генералштаб, Генерал Заложни не се согласува ниту со изјавите ниту пак со идеализирањето на Зеленски за конечен крај и контраофанзива на Украина.

Сѐ погласни се шпекулациите дека токму Заложни би можел во иднина да биде замена за Зеленски. Заложни кој се покажа како добар командант на украинската армија во справувањето со моќната руска воена машинерија, би можел, зад очите на светската јавност сепак на крај да влезе во некакви преговори и да издејствува примирје со Русија. Се разбира, сето ова е во сфера на шпекулациите.

Она што засега е потврдено е дека на чело на украинското министерство за одбрана доаѓа досегашниот шеф на украинските воени разузнавачи, 37-годишниот поранешен директор на воената разузнавачка агенција Кирило Буданов, со чин генерал-мајор.

За него е познато дека за разлика од скептичното украинско раководство, ден пред почетокот на рускиот напад предупредил дека Русија ќе ја започне воената инвазија и дека ќе се обиде да го освои Киев, а потоа и ќе започне крвави битки за освојувањето на Донбас.

Неговите добри разузнавачки проценки, најверојатно се и главната причина зошто е ставен на оваа функција, а особено последната негова проценка дека Крим наскоро би можел повторно да биде освоен од страна на Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот