ВИДЕО | Андоновиќ: Мировни преговори за Украина, но без учество на Русија

Анализа со Дејан Андоновиќ / Фото Слободен печат

Претседателот на Украина Володимир Зеленски ги покани светските лидери да учествуваат на мировниот самит за Украина во Швајцарија. САД потврдија дека ќе учествуваат на самитот, додека пак Пекинг, засега не одговори дали ќе испрати кинески претставник

Засега не е јасно дали на конференцијата ќе дојде американскиот претседател Бајден кого, заедно со кинескиот лидер Си Џипинг, Зеленски вчера лично ги покани да присуствуваат на мировната конференција во Швајцарија.

Русија соопшти дека не гледа поента во конференцијата на која Москва во моментов не е поканета.

Повикот на Зеленски дојде два дена откако руски извори за Ројтерс изјавија дека Путин е подготвен да ја заврши војната во Украина со договорен прекин на огнот кој ги признава сегашните борбени линии.

Зеленски и поддржувачите на Украина велат дека прекинот на огнот само ќе и помогне на Русија да се вооружи и да се прегрупира.

Русија ја започна својата трета, најобемна офанзива на северот на Харков и повика на прекин на конфликтот во Украина.

Сигнализирањето на рускиот претседател Владимир Путин оваа недела дека е отворен за мировни преговори треба да се земе со резерва, со оглед на тешкотијата и тежината на украинското и западното искуство со руската дипломатија, смета Киев.

Новинската агенција Ројтерс цитираше четири извори блиски до Путин, кои истакнаа дека Москва е подготвена да размисли за мировни преговори кои ќе ја замрзнат сегашната руска окупација на една петтина од Украина.

Путин одговори на извештајот сугерирајќи дека Русија е подготвена да разговара за мир, врз основа на претходните договори. Тој алудираше на неуспешниот договор во Истанбул, веднаш по почетокот на војната, во 2022 година, кој пропадна, главно затоа што руските сили сè уште вршеа борбени дејствија низ украинската територија, а масакрите околу Киев излегоа на виделина.

Во извештајот на Ројтерс се потенцира дека со сегашното замрзнување на конфликтот Москва не би ја исполнила целта да го заземе целиот источен Доњецк, но исто така ќе го елиминира инсистирањето на Киев дека не треба да предава никаква територија.

Клучен беше контекстот на изјавите на Путин. Тие дојдоа за време на посетата на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, додека во петокот се одржаа заеднички вежби за тактичко нуклеарно оружје меѓу двете земји. Путин зборуваше за мир а во позадина беснее оружјето, пренесува Си-ен-ен.

Добрите познавачи на состојбите сметаат дека Москва сега можеби повторно зборува за мир од две причини. Прво, Украина и нејзините сојузници организираат мировен самит во Швајцарија во јуни, каде што ќе разговараат каков вид на договор би можеле да прифатат без присуство на Русија. Целта најверојатно ќе изгради шанса за излезна стратегија што Кремљ може да ја прифати кога неговите сили конечно ќе бидат исцрпени или ќе ја загубат борбената сила како резултат на умор и недостиг на борбени ресурси.

Зеленски изрази надеж дека Кина, најмоќниот сојузник на Русија, но само делумен поддржувач во војната во Украина, ќе присуствува на самитот.

Путин можеби сега зборува за мир за да му предложи на Пекинг да не се вклучува во руската дипломатија без присуство на Русија. Самитот во Швајцарија веројатно нема да стави крај на војната, но може да ги зацврсти ставовите на Запад за тоа колку сериозна закана претставува Москва за вистинскиот мировен договор, поставувајќи го теренот за тоа што Украина би можела да загуби на сметка на својот територијален интегритет, во замена за запирање на војната и крвопролевањето.

Киев се согласен дека укажувањата на Путин за мировни преговори биле изјави директно насочени кон саботирање на самитот.

„Путин моментално нема желба да ја прекине својата агресија против Украина“, напиша тој на X и додаде: „Зошто толку се плаши од самитот во Швајцарија“, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.

Дел од аналитичарите се со став дека Путин испраќа пораки до владите на Запад и актуелната претседателска кампања во САД.

Тој според нив се обидува нејасно да им сугерира, можеби на популистите во Европа или на републиканците во Соединетите држави, дека на хоризонтот е едноставен договор, таков во кој линиите на фронтот, каде Украина моментално губи по значителна цена, може веднаш да се замрзнат и војната да запре.

Западната поддршка за војната е скапа и сè понепопуларна, иако неодамнешниот пакет од 61 милијарда долари усвоен од Конгресот САД само ја потврди поддршката на Западот.

И додека трае политичко-дипломатското надмудрување меѓу Западот и Русија на сметка на Украина, борбите и нападите продолжуваат на двете страни – руските сили го гаѓаа Киев, а украинската армија го гранатираше источниот дел на земјата, кој е под контрола на Москва. Руската армија уништила украински беспилотни летала над територијата на Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот