Шилегов го раскина договорот за галијата „Среќа“, Арсовска ќе треба да ја плати отштетата

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Основниот граѓански суд Скопје на 17 мај пресуди дека Град Скопје и поранешниот градоначалник неосновано и еднострано го раскинале договорот за користење урбана опрема поставена во реката Вардар.

Град Скопје го изгуби спорот за галијата „Среќа“, која пред три години во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов започна да се урива, откако Градот претходно го прекина договорот за користење на бродот. Основниот граѓански суд Скопје на 17 мај пресуди дека Град Скопје и тогашниот градоначалник Петре Шилегов неосновано и еднострано го раскинале договорот за користење урбана опрема поставена во реката Вардар.

Сега Градот ќе треба да му плати на тужителот, фирмата Електро-механички услужен сервис АД Скопје, надоместок за неосновано активирана банкарска гаранција во износ од 615 000 денари со законска казнена камата, но и да ги надомести и трошоците во постапката во вкупен износ од 64 276 денари.

Се надевам дека ова ќе значи крај на криминалното самоволие на одредена група политичари што не успевајќи да изнудат милионски суми, прават вакви бесправни дејства и нанесуваат материјална штета на приватни фирми, но и на буџетот на Македонија. Нашата цел е да продолжиме да работиме, да ја вратиме инвестицијата, а не да нанесуваме штета на градот Скопје и на нашите сограѓани. Не сакаме да продолжуваме со тужбениот процес, кој може да заврши со барање за отштета од 5 милиони евра пред меѓународен суд имајќи предвид дека се работи за странска инвестиција, од Бугарија, држава со која Македонија има потпишано Договор за заштита на инвестициите. Се надеваме дека и градоначалничката и Советот на Град Скопје ќе донесат правилна одлука во заедничка корист во најскоро време – вели во изјва за медиумите Жарко Миленкоски, управител на ЕМУС.

Шилегов го застапува Град Скопје во судскиот процес за уривање на галијата

Како што е познато, причина за прекинување на договорот, како што беше соопштено тогаш била неплаќање на закупнината. Откако беше раскинат договорот, на фирмата и нејзиниот сопственик им беше даден рок од 30 дена галијата да биде отстранета.

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Но, Судот утврдил дека не било така. Имено, тужителот според договорот секој месец го плаќал договорениот износ навремено и вршел угостителска дејност сѐ 20 март 2020 кога е прогласена вонредна состојба поради короната и воведено ограничено движење на граѓаните, како и забрана за работа на угостителската дејност. Во тој период тужителот неколкупати се обратил до Град Скопје со барање за намалување или ослободување од обврската за плаќање месечен закуп, но Град Скопје не одговорил на овие барања.

Веднаш по завршување на вонредната состојба на ден 29.6.2020 година, тужителот ги платил сите заостанати месечни надоместоци за претходните три месеци, а четвртата наплата ја направил на 1 јули 2020. Непосредно по извршената уплата тужителот од тужениот добил известување за раскинување на договорот. Едностраното раскинување на договорот било поради неплаќање четири рати во вкупен износ од 259.600 денари, со барање во рок од 30 дена да се отстрани урбаната опрема – стои во образложението на пресудата.

ВИДЕО | И по три години нема разрешница на случајот: Руинираната и опожарена галија остана закотвена во Вардар

Во изминатите три години, откако почна па запре уривањето на галијата „закотвена“ на кејот во близина на „Холидеј ин“, таа е оставена да пропаѓа и изгледа како „брод на ужасот“, со искинати едра, опожарена, стои во реката без никаква намена, освен што во неа се собираат бездомници и се полни со ѓубре. Во изминатата година дури двапати беше опожарена.

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Досега немаше никаква информација што понатаму ќе се случува со галијата, ќе продолжи да се урива или ќе се обнови. На најновата пресуда на Основниот суд, Град Скопје имал можност да се жали на Апелација, што значи дека и во наредниот период галијата ќе остане во Вардар во истата руинирана состојба каква што е моментално.

Галиите во Вардар беа поставени во времето кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски, како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.
Според студијата за намалување на ризикот од поплави, која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти. Постојните три галии, како што покажуваат податоците од Студијата за третина ја намалиле проточноста на реката, што самото по себе ја зголемува можноста од поплави.

Изгаснат пожарот на галијата „Среќа“, била преполна со ѓубре, но без довод на струја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот