ВИДЕО | И по три години нема разрешница на случајот: Руинираната и опожарена галија остана закотвена во Вардар

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Од Град Скопје нема одговор што се случува сега со галијата, која е оставена недоурната, полна со ѓубре и која во период од неколку месеца двапати беше запалена. Нема одговор ниту до каде е судската постапка и има ли конечно решение од судот што ќе се случува понатаму – ќе се урива ли или не.

Три години поминаа откако почна отстранувањето на една од галиите во Вардар, бродот „Среќа“ закотвен кај „Холидеј ин“. И по толкав период галијата како „брод на ужасот“, со искинати едра, опожарена, си стои во реката без никаква намена, освен што во неа се собираат бездомници и се полни со ѓубре.

Во изминатите шест месеци двапати беше опожарена, па по секој пожар внатре малку се расчистуваше од отпадот. Но, едноставно ништо не се презема, а таа и понатаму го нагрдува најстрогиот центар на градот и кејот покрај Градски трговски центар.

Галијата требаше целосно да се размонтира, а работите на терен, по налог на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, почнаа да ги изведуваат екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“. Причина за уривањето беше тоа што сопственикот на бродот неколку месеци доцнел со плаќањето на киријата во износ од 1.000 евра месечно.

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Уривањето почна по принципот „тргни – застани“. Беа извадени неколку штици од бродот, па работата заврши на суд, откако управителот Жарко Миленковски и бугарскиот инвеститор – фирмата „Сервис Емус“ АД Скопје, тврдеа дека немаат никаков долг кон Град Скопје и правдата ја побараа пред судските органи.

 Инвестицијата во овој брод е над 1,2 милиони евра. Град Скопје нема никакво побарување кон нас, а патем Град Скопје нема инвестирано ниту еден денар – тврдеше  Миленковски.

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Во тек беа два судски предмети, а без судска одлука не можеше да продолжи рушењето. Миленковски тврдеше дека судот трпи огромен притисок да не донесе времена мерка како би се спречило настанување штета.

Многу нешта се случија во таа 2021 година откако беше донесена одлуката за уривање па до одржувањето на локалните избори. Имаше и бркање на работниците кога одново ќе се обидеа да продолжат со уривањето на бродот „Среќа“.

Откако раководењето со Град Скопје го презема градоначалничката Данела Арсовска, таа потврди дека галијата ќе биде урната во согласност со дадените налози од претходниот градоначалник. Но, нагласи дека нема намера да урива ништо друго затоа што такво било нејзиното предизборно ветување.

Во својот мандат, јас ништо нема да рушам – рече Арсовска.

Галија напуштена/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

И навистина, веќе трета година откако Арсовска стана градоначалничка, галијата во реката Вардар не се урива и исто толку време ги нема работниците што треба да го спроведат уривањето.

Од Град Скопје нема одговор што се случува сега со галијата, која е оставена руинирана, преполна со ѓубре и која во период од неколку месеца двапати беше запалена. Нема одговор ниту до каде е судската постапка и има ли конечно решение од судот за тоа што ќе се случува понатаму – ќе се урива ли или не. Во јавноста го нема ниту сопственикот да објасни што се случува, иако е повеќе од очигледно дека галијата во изминатиот период е изложена на континуирано оштетување.

Галиите во Вардар беа поставени во времето кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски, како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Според студијата за намалување на ризикот од поплави, која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти: Постоечките три галии, како што покажуваат податоците од Студијата за третина ја намалиле проточноста на реката, што самото по себе ја зголемува можноста од поплави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот