Од 1 септември без еврокод нема да може да се проектира ни селска штала!

Градежници работници / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Од Комората на овластени архитекти бараат во обуките за еврокодовите да се вклучат и инженерите што вршат ревизија, бидејќи од нивната одлука зависи дали проектот е соодветно изработен за да добие одобрение за градба

Домашните градежни компании се подготвени за новите европски стандарди за проектирање, кои треба да обезбедат сигурна, одржлива и стабилна изградба, дециден е Андреа Серафимовски, претседател на Градежната комора при Стопанската комора на Македонија. Тој не сакаше да оди подлабоко во економскиот аспект на овој дел од градежништвото, но кусо прокоментира дека новата стандардизација „нема дополнително да ги зголеми цените на становите“.

– Не треба да го гледаме овој процес како економски, затоа што без еврокодовите, го губиме чекорот како градежници. Не очекуваме зголемување на цената на становите во моментот – додаде Серафимовски.

Задржувајќи се на темата, Серафимовски, потсети дека од 1 септември годинава, примената на еврокодовите како нормативи во проектирањето ќе биде обврзувачка, бидејќи завршува паралелната примена на македонските стандарди.

– Процесот е канализиран, институциите се подготвени, а во најголема мера е завршена и едукацијата на инженерскиот кадар – соопшти Серафимовски.

Тој ги повика компаниите да им укажат на своите вработени колкава е важноста од примената на еврокодовите.

– Ова не важи само за компаниите, туку и за физичките лица што работат како градежници, бидејќи ќе ни обезбеди опстанок на целата фела – додаде тој.

Според Серафимовски, компаниите го поддржуваат процесот што во Европа трае веќе 15 години, советувајќи дека посигурната и постабилна градба целта кон која треба да се стреми градежната индустрија.

Кристинка Чулак од Комората на овластени архитекти посочи дека европските прописи ја подигаат и конкурентноста на нашите архитекти на европско ниво, што е чекор напред кон евроинтеграцијата.

– Сите нови инвестиции во градежништвото мора да ги почитуваат еврокодовите во проектирањето, ревизијата и процесот на градба. Мора да имаме добро и соодветно обучени надзорни инженери. Засега одѕивот не е во толкав број, главно се обучуваат само колегите проектанти, а треба и ревизијата да се вклучи. Нивниот збор е краен и тие треба да кажат дали проектот е соодветно изработен за да добие одобрение за градба. Тука треба да се вклучат и колегите од локалната самоуправа, особено кога станува збор за капиталните инвестиции во државата – рече Чулак.

Соња Черепналковска од Институтот за стандардизација, посочи дека во целост се исполнети услови за примена на стандардите во проектирањето. Тие се усвоени на македонски јазик, а подготвени се и 1.500 параметри, кои се достапни од 2020 година. Тие се доставени и до Министерството за транспорт. И референтите стандарди се усвоени и публикувани како македонски и доставени до Министерството за економија, додаде Черепналковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот