ВИДЕО | Андоновиќ: Израелските копнени трупи влегоа во Либан по 18 години, воздушни удари врз Јемен и Сирија

Анализа со Андоновиќ / Фото: Слободен печат / EPA-EFE/ATEF SAFADI

Израелските воени сили ја преминаа границата во Јужен Либан за да извршат, како што вели Израел, „ограничени, локализирани и насочени напади“ против Хезболах.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека гаѓаат локации на Хезболах во пограничната област на Јужен Либан, кои „претставуваат непосредна закана за израелските заедници во Северен Израел“, вклучително и набавки и оружје.

Израел одби да каже колку длабоко ќе влезат неговите војници во Либан или колку долго се очекува да трае операцијата.

Она што е во моментов познато е дека офанзивата ќе биде ограничена по времетраење и опсег, дека ќе трае со денови, а не со недели.

Портпаролот на израелската армија изјави дека израелските сили биле „обучени и подготвени во последните месеци“ за копнената операција, која беше најавена и од утринава реализирана.

Ова е прв пат регуларни израелски копнени трупи да влезат на либанска територија од 2006 година. Израел претходно започна операции со мали специјални сили во Јужен Либан пред потенцијална копнена офанзива, изјави израелски официјален претставник за NBC News.

Како увертира во копнената операција, израелската артилерија започна серија гранатирања на пограничните градови низ Јужен Либан и испрати предупредување за евакуација до жителите кои живеат во јужните предградија на либанската престолнина Бејрут, советувајќи ги цивилите кои живеат во одредени згради да го напуштат градот пред воздушните напади.

Израел исто така прогласи три мали гранични заедници за „затворени воени зони“, ограничувајќи го пристапот само на воениот персонал неколку часа пред нејзиниот упад во Либан. Гранатирањето во пограничните области значеше дека мировниците на ОН повеќе не можеа да вршат патроли „поради интензитетот на ракетите што се стрелаат кон и од Либан, се вели во соопштението.

Упадот во Јужен Либан го води 98-та дивизија, една од најдобрите единици на Израелската армија Таа се состои од падобранци и бригада командоси, Шајет 13 (13-та флота), елитна единица на израелската морнарица и 7-та оклопна бригада.

Таа дивизија, предводена од бригадниот генерал Гај Леви, успешно ги неутрализираше лидерите на Хамас и ослободи дел од заложниците во Газа помеѓу декември 2023 и март 2024 година, пишува Фигаро.

Портпаролот на израелската војска потенцираше дека дивизијата била обучена за операцијата во изминатите недели.

„По неколкумесечни маневри во Појасот Газа, каде што борците на дивизијата стекнаа вештини и оперативно искуство, се упатија кон север и сега се на маневри во северниот сектор, откако ги направија потребните прилагодувања за борба во Либан“, соопшти израелската војска.

Како резултат на упадот на Израел, либанската армија, која е одвоена од силите на Хезболах се повлече од границата, оставајќи им непречен копнен продор на Израелците.

Претходно, заменик-лидерот на Хезболах, Наим Касем, рече дека групата е подготвена за израелска копнена офанзива и дека битката „може да биде долга“.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1.000 луѓе се убиени низ целата земја во изминатите две недели од израелските воздушни напади, додека до еден милион сега може да бидат раселени.

Израелската армија (ИДФ) започна ограничени копнени операции во Јужен Либан против милитантната група Хезболах и инфраструктурата лоцирана долж северната граница на Израел, а како што наведе, целта е инфраструктурата на Хезболах во голем број либански села долж границата кои претставуваат закана за израелските градови. На копнените трупи им помагале воздушни и артилериски сили, соопшти армијата, додавајќи дека операцијата се засновала на плановите изготвени од Генералштабот на ИД и Северната команда.

Паралелно Израел започна со напади и врз Хутите во Јемен и врз одредени проирански парамилитантни сили во Сирија. Во денешните напади врз сириската престолнина Дамаск, загинаа три лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот