ВИДЕО | Историски триумф на „Адолесценција“ на годинашните телевизиски награди БАФТА
Драмата на Нетфликс, „Адолесценција“, беше апсолутен победник на овогодинешното доделување на телевизиските награди БАФТА, соборувајќи го рекордот за најмногу освоени статуетки во една вечер. Оваа моќна приказна, која стана главна тема за разговор уште со својата премиера во 2025 година, беше прогласена за најдобра лимитирана серија, а признанија за својата глума добија и главните ѕвезди, пренесува „Би-би-си“.
Препорачано
Младиот Овен Купер, кој има само 16 години, стана најмладиот добитник во историјата на БАФТА за најдобра споредна машка улога. Во својот емотивен говор, тој им оддаде почит на „Битлси“, порачувајќи дека за успех се потребни само три нешта: опсесија, сон и музиката на легендарната четворка од Ливерпул.

Неговиот филмски татко, Стивен Греам, по седум претходни номинации, конечно ја подигна својата прва статуетка за најдобра главна машка улога.

Вечерта помина во знакот на приказни кои го отсликуваат човековото достоинство во тешки времиња. Наргес Рашиди ја освои наградата за најдобра главна женска улога за портретирањето на Назанин Загари-Ратклиф, жената која помина шест години во затвор во Иран. Рашиди му ја посвети наградата на семејството на Назанин, истакнувајќи ја нивната нестварна храброст.

Наградата за најдобра драма замина во рацете на екипата на „Код на тишината“, серија во која Роуз Ајлинг-Елис толкува улога на глува жена која и помага на полицијата со своите вештини за читање од усни.
Публиката го избра триумфот на комичарот Алан Кар во реалното шоу „Славните предавници“ за највпечатлив телевизиски момент на годината. Во својот препознатлив стил, Кар се пошегува на сметка на своите колеги, прашувајќи се дали тој бил толку добар или другите „ѕвезди“ едноставно не биле доволно снаодливи.

Еден од најпочитуваните моменти на церемонијата беше доделувањето на највисокото признание БАФТА стипендијата на легендарната кулинарка Мери Бери. На 91-годишна возраст, таа достоинствено се заблагодари за честа, потсетувајќи ги сите дека таа е пред сè учителка и готвачка.

Емотивен говор одржа и новинарот Мартин Луис, кој ја прими специјалната награда, порачувајќи му на „скршеното и исплашено момче“ што некогаш бил, дека животот навистина може да се трансформира на подобро.



