Вице Заев за Слободен печат: Фабриките за канабис се на моите братучеди, јас и Зоран немаме лиценци за тој бизнис

Вице Заев ќе биде управител на новата компанија, чијшто сопственик е неговиот татко, Панче Заев

Во родната Струмица семејството Заеви отсекогаш важи за успешно во бизнисот во повеќе сфери, а тоа што постариот брат Зоран Заев е премиер веќе втор мандат го прави уште поинтригантно за јавноста.  Семејните бизниси од ваков калибар ги следат и афери, а во центарот на вниманието многу често се наоѓа неговиот брат Вице Заев.

Семејство Заеви неодамна беше обвинето дека дава поткуп од хуманитарна пакети во време на предизборна кампања, што братот на премиерот Зоран Заев, Вице остро го демантира.

– Здружението што го затворија за време на изборите, откако случајот го квалификуваа како поткуп, беше 99 посто финансирано од нас. Околу 8.000 прехрамбени пакети, по 1.000 денари ги направивме од наши средства, не тропнавме на ниту една врата. Дававме храна и хигиенски средства во затвори и народни кујни, во домови за деца без родители, во пензионерски домови. Тоа го правиме во континуитет, не од сега откако е Зоран премиер. Околу 24 милиони денари од нашите фирми имаме дадено донации, откако е почната корона кризата. Доказ дека не се работеше за поткуп е тоа што ниту еден пакет не беше брендиран со наше фамилијарно име ниту со име на партија. Списоците ги добивме од општина Струмица, а тоа беа луѓе кои таму се обратиле за помош. Уште од времето кога беше Зоки градоначалник, имаше многу луѓе што бараа помош, но буџетот на Општината е многу мал, не можеше да им помогне на сите. Уште од тогаш лично им помагавме. Истите луѓе се и сега. За другите градови земавме информации од Црвен крст, од народните кујни и од самите општини. На кризните штабови на општините им ги дониравме сите пакети, а потоа тие сами одлучуваа на кого ќе ги поделат. Во Куманово на пример дадовме 2.500 пакети. Соработувавме и со Црвен крст, потенцира Вице Заев.

Запрашан за едно друго обвинување кое се врзува за неговото име,  Вице Заев негира дека поседува фабрики за производство на канабис.

Фабриките за производство на канабис во Свети Николе и во Валандово се во сопственост на моите двајца братучеди. Ниту јас, ниту брат ми, немаме лиценца за одгледување и производство на канабис. Немаме ниту личен дел во фирмите на братучедите. Дури и тие не се сто проценти газди, имаат партнери од Холандија, Германија и Израел. Не сум безгрешен, ама 90 проценти од работите што ми се ставаат на товар не се точни. Самиот факт што никој не се пожалил дека некого сум рекетирал, дека сум влегол во нечиј бизнис или сум му земал нешто што не ми следува зборува дека јас не сум престапник на законот. И тоа што се зборувало е на база на шпекулација, докази нема. Никогаш не „фаќам врски“. Пред некое време ме казни полиција за неносење маска, и најрегуларно си ја платив, уверува братот на премиерот.

Вице Заев за „Слободен печат“ открива дека успехот и стекнатиот капитал се должи единствено на слогата во семејството.

-Внатрешната кохезија помеѓу сите чинители и управители кои ги менаџираат бизнисите е најважна за успехот на нашите бизниси. Клучот за успехот е само слога и ништо друго, вели нашиот соговорник Вице.

Со бизнис започнале да се занимаваат пред триесетина години и за брзо време стекнале голем финансиски капитал.

– Нашите фирми датираат од 1989-90 година. Почнавме со трговска фирма која што во тоа време ја основал мојот покоен чичко. Земал застапништво за одредени фирми, тогаш беше ембарго и лесно се заработуваше. На тој начин се стекнавме со голем капитал, се на законски начин. После тоа ние пораснавме, почнавме да преземаме дел од бизнисот и да ги шириме. Се проширивме во повеќе сфери, прехрана, конфекционерство, трговија, градежништво, конзервна фабрика, оранжерии, брокерска куќа… За кратко време тие фирми прераснаа во сериозни бизниси, коишто во моментов вработуваат повеќе од 1.000 вработени, ја започнува приказната Вице Заев.

Негови фирми се Тотал инженеринг и Тотал електрик додека останатите Ева стајл, Тргопродукт (мајка-фирма на Мамас), Еленица, финансиско друштво Пеон, брокерско друштво Пеон, и неколку оранжерии ги раководат останатите членови на семејството.

Вице Заев вели дека многу сака да пешачи, да вози велосипед, и тоа го прави преку цел ден кога е слободен. Но, откако се разболел од Ковид мора да паузира, така што помалку спортува додека не закрепне. Себе се смета за хуманитарец кој не сака да се рекламира.

– Моето семејство е познато по хуманитарната работа. Периодов мојата сопруга пазарува за децата без родители. Така е со години наназад, ние тоа никогаш не сме го рекламирале. Си знаат луѓето на коишто им помагаме, тие нас не благословуваат и од нив ја црпиме понатамошната енергија. На секој кому му треба помош лесно може да ме најде, сите знаат каде живеам, во фирмите може да дојде кој сака. На фејсбук страната на здружението пишуваат луѓе од цела Македонија. Јас за еден пакет пуштам кола, еве сега пратив пакет во Скопје, во Илинден, на неподвижна жена, вели Вице Заев.

Вели дека е семеен човек, а семејните дружби му се многу важни. Се плаши дека децата ќе му заминат во странство и нема да има кој да го продолжи семејниот бизнис.

– Не сакам децата да ми учат надвор од државата. Се плашам дека ако заминат на студии во странство, таму и ќе останат. Сакам да ми бидат тука и да продолжат со семејните бизниси. Има многу потенцијал во нашата држава, точно е дека некои работи треба да се сменат од економски и политички аспект, но имаат можност тука да останат и да работат. Ќерката Ева беше запишана на студии во Солун, но се префрли на Машински факултет, а синот е четврта година гимназија. Следната година ќе се запише на факултет, ќе му сугерирам да се запише во Скопје на факултет, ама ако сака во странство ќе му дозволам да се запише само во Солун, подалеку не го пуштам, вели Вице.

Вице Заев смета дека премиерот е премногу толерантен и мек во реториката кон Бугарија

Брат ми е многу толерантен и премногу мек во однос на политичките случувања со Бугарија. Ми смета тоа што не реагира на многу провокации од источниот сосед. Знам дека и тој се согласува со моите ставови дека не треба да биде толку мек, но ја гледа големата слика, има информации повеќе од нас, и затоа води таква политика. А, со тоа како ја води политиката се согласувам целосно затоа што вродува со резултат. Со потезите што ги прави и со Грција и со Бугарија ја става на ризик и сопствената и семејната кариера, но храбар е и тоа треба да се цени, вели братот на премиерот Зоран Заев.

Тој вели дека како работодавец ќе ја почитува одлуката на премиерот на работниците да им исплатува 20.000 денари минимална плата.

– Во нашите фирми нема помала плата од 20.000 денари и тоа за општ работник со средно образование. 18.000 денари земаат текстилните работнички што сечат конци и врзуваат пакети, но имаат обезбедено храна и превоз. Финансиски помагаме и за лошо и за добро, и за болест и за веселби. Нашите менаџери и технолози земаат по 1.500 евра плата, вели Вице.

Мајката на премиерот секој ден плаче кога гледа утрински емисии во кои го критикуваат Зоран Заев.

– Не се плашам од никого, знам дека на социјалните мрежи се пишува буквално се, дури има и закани, по животот на Зоран, но мислам дека никој не би дошол да ме нападне мене или брат ми поради политичка неиспомисленост. Мојата сопруга, ниту децата не се движат со обезбедување или со личен возач. Сепак, нашата мајка секое утро плаче кога ги гледа утринските емисии и слуша се што зборуваат за Зоки. За да не читам што пишуваат за мене и брат ми на социјалните мрежи, јас не користам социјални мрежи, вели Вице и се чуди како толку внимание предизвикува приватниот живот на неговата ќерка Ева, бидејќи како што вели, таа е многу скромна и нема комуникација со ниту еден новинар.

Во политика не планирам да се вклучувам, кажа за крај на разговорот Вице Заев.

Вице Заев со ќерката Ева

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот