Ветерот наш, ветерниците странски, чија е струјата?

Фоографија: ЕСМ

Најголем обновлив извор на енергија треба да биде ветерен парк што ќе го гради инвестицискиот фонд „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембург. Првите киловати се очекуваат во 2027 година. Од Министерството за енергетика велат дека се бара модел – кој дел од струјата произведена од приватни обновливи извори на енергија би останал во државата. Експертите се едногласни дека зелената транзиција мора да се случува и потсетуваат дека набргу ќе мораме да плаќаме и такса за јаглерод диоксид. Во енергетиката ќе има и нова регулатива

Производството на електрична енергија од ветерници учествува со скромни осум проценти во вкупното производство на обновливи извори на енергија. Енергетичарите се согласуваат дека во Македонија може да се постават повеќе ветерници. Но, прашањето што ја мачи јавноста е кој ќе ги постави тие ветерници, дали економијата и граѓаните ќе имаат бенефит ако производителите се странски компании што го користат нашиот ветер, а струјата си ја продаваат на берза, и дали е време да се размислува за државни обновливи извори на енергија со кои самите постепено ќе го замениме производството од термоелектраните.

Неодамна во фокусот на вниманието беше веста дека инвестицискиот фонд „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембург ќе гради 55 ветерници кај нас. Ова беше првата инвестиција што ја обелодени Христијан Мицкоски по седнувањето на премиерското столче. Оттогаш во јавноста нема дополнителни информации како напредува тој проект, останува ли во фокусот на инвестицискиот фонд од Луксембург, но дали има и некој детаљ плус што го испреговарала Владата, во однос на производството и пласманот на струјата.

„Слободен печат“ разговараше со Министерството за енергетика и побара посвежи информации. За разлика од првичните најави дека ветерниот парк ќе почне да се гради во 2026 година, веста е дека изградбата ќе почне порано.

– Според најавите од инвеститорот, приватната енергетска компанија „Алказар енерџи“, која за овој проект формираше фонд „Алказар енерџи партнерс 2“, изградбата на ветерниот парк е најавена за втората половина на идната година. Првата струја, пак, се очекува да се произведе во втората половина на 2027 година – ни изјавија од ресорното министерство.

Во јуни, странскиот инвестициски фонд лицитираше со почеток на градба во 2026 година, затоа што очекуваше дека ќе ја затвори финансиската конструкција до крајот на 2025 година, но очигледно наишол на поголем интерес за вложување во македонскиот ветер.

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со генералниот директор на Алказар енерџи, Даниел Калдерон, на 25 јуни ја промовираа инвестицијата. Фотографија: Влада

Од Министерството за енергетика оценуваат дека станува збор за многу важен проект.

– Оваа инвестиција инаку е важна од повеќе аспекти – ќе го зголеми обемот на инвестиции во државата бидејќи станува збор за инвестиција од над 500 милиони американски долари, ќе го зголеми извозот и секако ќе донесе нови вработувања. Компанијата „Алказар енерџи“ има намера да направи пробив на овие пазари преку инвестиции во неколку земји, од кои најголемата ќе биде во Македонија. На овој начин ќе станеме уште поважна земја во делот на енергетиката, особено поради нашата положба и добрата мрежна поврзаност со регионот. Исто така, вака големото производство на чиста енергија ќе може да им помогне на домашните компании со користење енергија добиена од обновливи извори да го избегнат плаќањето на данокот на јаглерод за нивните производи кога ќе ги продаваат во ЕУ, што поставува построги правила врз основа на содржината на јаглерод – велат од Министерство.

Струјата ќе оди на берза, а ќе се бара модел како дел да остане во земјава

Новиот ветерен парк што треба да се гради на потегот Штип – Радовиш – Карбинци треба да биде со капацитет до 400 мегавати, со повеќе од 50 ветерници и ќе биде најголемата инвестиција во обновливи извори на енергија што сме ја имале. Овој ветерен парк предвидува производство на приближно еден терават-час електрична енергија или еден милион мегават-часови, што е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава, со што истовремено за петпати ќе се зголеми потенцијалот на Македонија во делот на обновливи извори на енергија. Ова би било доволно струја за приближно 100.000 домаќинства. Сепак, струјата ќе оди на берза.

– Со оглед дека станува збор за странска приватна инвестиција, тие ќе имаат право, исто како и сите досега изградени приватни обновливи извори на енергија (ОИЕ), произведената електрична енергија да ја продаваат на берза. Владата веќе најави дека го напушта проектот на поддршка на приватни инвестиции во ОИЕ со загарантиран откуп со загарантирани цени бидејќи тоа се покажа како непродуктивно за државата. Но, ќе се обидеме да најдеме модел – кој дел од струјата произведена од приватни ОИЕ би останал во државата – изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за енергетика.

Ева Шуклева, поранешна директорка на МЕПСО, која сега исто така е во бизнисот со ветерници, вели дека европската практика покажува дека обновливите извори се многу поголема инвестиција од конвенционалните производители и дека не може да се влезе во некоја инвестиција ако не се договори барем на почетокот некаков откуп на енергија. Притоа, таа објаснува дека може да се договори откуп на струја со трговци, но и со држава, и дека тоа треба да се дефинира со новиот Закон за енергетика.

– Постојат разни договори, со трговци, но може и со држава. Ние сме веќе во транзициски енергетски период, има моменти кога не работат трите блока на РЕК Битола. Може да има тендер на кој државата наведува загарантирана цена од 60 евра за мегават-час. Се договараме. Во суштина, ние можеме да ја продаваме струјата и на берза, а ако се постигне на берзата поголема цена во тој момент, ние тие пари ѝ ги даваме на државата, а ако е под таа цена, тогаш државата ни ги дава и тоа е некоја состојба на вин-вин – вели Шуклева.

Според неа, неправедно во јавноста се зборува дека некој го искористува ветерот или сонцето за да прави профит.

– Секако дека приватниот инвеститор си ја гледа исплатливоста и заработката. Пред да се почнат вакви инвестиции, се прават анализи, се прават студии за животна средина, урбанистички елаборат и процесот трае повеќе години. Но, од вакви проекти придобивките за државата се повеќекратни. Таа енергија ја имате во државата, не се плаќаат прекугранични капацитети, достапна е, предвидлива е, се прави профил на производство и секако дека таа ќе биде поевтина отколку да се увезе. Кога си држава што нема доволно ресурси, треба да правиш некоја инцијатива за да дојдат инвеститори и да вложат тука. Колку една држава е енергетски позависна, толку повеќе осиромашува. Секако, никој не вели дека државата сама не може да инвестира – изјави Шуклева за „Слободен печат“.

 Дали јавно-приватното партнерство е најдобриот модел?

 

Големите капацитети, пак, бараат многу пари. Еден проект како ветерниците што ги планира „Алказар енерџи“ чини 500 милиони евра. Според Небојша Цветановски, доктор по економски науки и сосопственик на компанијата за обновливи извори, „Енерком груп“ најдобар модел за сите инвестиции во јавен карактер е јавно-приватно партнерство.

– Сега, централно прашање што се врти е до кој степен државата ќе обезбеди струјата од ветерниците од „Алказар“, или од друг производител, да се продава на домашниот пазар. Не можеш како држава да навлезеш во одлуки на приватен капитал, иако и тука поради специфичноста на секторот се можни некои механизми. Но, сметам дека иднината на сите инвестиции во јавен карактер е јавно-приватно стопанство. Тука државата може да има влијание – вели Цветановски за „Слободен печат“.

Инаку, како што потсетува тој, ние веќе имаме ветерници во државна сопственост. Изградба на државни енергетски капацитети не е реткост и во европските земји, па и Германија има државни ветерници.

– Тоа се инвестиции одржливи на долг рок. Најавената инвестицијата на „Алказар“ е во мега-проект 400 мегавати. Енергетската транзиција е неминовност и позитивно е да се поддржат сите вакви инвестиции. Да не заборавиме дека до 2030 година и домаќинствата ќе треба да се либерализираат, односно да не се субвенционираат. Пазарот си го прави своето. Ние имаме обврска да развиваме зелена енергија. РЕК Битола треба да се затвори. Во 2026 година треба да ја воведеме и карбон таксата. Ќе се бараат параметри во сите производи до кој степен производството придонесува во загадувањето. Тоа значи дека колку е поголемо учеството на чистата енергија во вкупното производство, толку е помала и таксата – вели Цветановски.

Иако зелената транзиција е глобално прашање кон чие решавање помалку или повеќе сите се стремат, во јавноста, глобално сè повеќе се зборува и за користењето на таа можност од страна на големи мултинационални компании што ги „земаат под свое“ националните ресурси. Деновиве, вниманието го привлече една колумна во хрватскиот портал „Пословни“ каде што авторот Владислав Веселица, кој е член на Управниот одбор на Јадранскиот нафтовод, вели: „Мит е дека само приватната сопственост е добра за бизнисот“.

„Постојат два јасни заклучоци што можат да се извлечат од низа вакви случаи. Првиот е дека постојат одредени стратешки ресурси кои државите едноставно не смеат да ги дадат во приватни раце, односно области во кои е легитимно државите да имаат свој директен интерес – енергијата, водата за пиење, земјоделското земјиште и одбранбената индустрија се некои од нив. Друг заклучок е дека државата реално може да биде добар сопственик“, пишува Веселица.

Според него, „државната сопственост на клучните ресурси на една земја може да се покаже како гарант на стабилноста и развојот. Додека приватниот менаџмент е фокусиран на краткорочната профитабилност за акционерите, државата како сопственик може да биде трпелива и да постави долгорочен развој и одржливост како главна деловна цел“.

 „Алказар енерџи“ ја намирисал исплатливоста во обновливите извори

Инвестициските фондови, пак, трагаат по проекти што ќе им донесат што поголема заработка. Тоа е нивна задача и легитимно право. Оттука, во денешно време несомнено „Алказар енерџи“ избрал добра стратегија за вложување.

„Алказар енерџи е одржлив инфраструктурен фонд со седиште во Луксембург, фокусиран на проекти за обновливи извори на енергија на пазарите во развој, со советодавен тим со седиште во Обединетите Арапски Емирати“, пишува на нивната официјална страница.

Летово тие пратија и соопштение до јавноста според кое штипскиот проект, 75 километри јужно од Скопје, ќе игра клучна улога во унапредувањето на Инвестициската платформа за праведна транзиција на Северна Македонија, објавена на COP28, и ќе даде значителен придонес во намалувањето на емисиите на стакленички гасови во земјата, но ќе има и големо регионално значење.

„Овој проект претставува втора пресвртница на ‘Алказар енерџи’ во нејзините напори да изгради најголема платформа за обновливи извори на енергија во Западен Балкан, со очекувана вкупна регионална инвестиција од околу една милијарда американски долари. Оваа инвестиција не само што ќе биде од корист за енергетскиот микс во Северна Македонија, туку и значително ќе придонесе за енергетската безбедност на поширокиот регион на Западен Балкан“, објави Фондот.

Во својата „биографија“ Фондот објави и дека првиот фонд „Алказар нерџи партнерс 1“ беше основан во 2014 година од висококвалификувана група професионалци со длабинско знаење за обновливите извори на енергија од инвестициска, проектно финансирање и техничка перспектива.

Важно е да се донесат и нови технологии

 

Слободан Поповски, претседател на Македонската асоцијација на обновливи извори на енергија (МАРЕС), вели дека треба да се земе предвид и дека странските компании во областа на енергетиката носат нови технологии и знаења.

– Што ако странски инвеститор има технологија што по најниска цена од обновливи извори на енергија струјата ќе ја постави на мрежа. ЕСМ на ЕВН му продава електрична енергија по цена од 59,2 евра за мегават час. Што ако дојде приватен и му ја продава по 55 евра? Механизмот е прилично јасен, производителот го става производството на мрежа и ЕВН го распределува по сите наши домови. Дали е битно тогаш кој ја произведува? Па тој ќе донесе технологија што ниту ја имаме, ниту знаеме да ја употребиме – објаснува за „Слободен печат“ Поповски.

Ветерници/ Фото: Архива на Слободен печат

Од Регулаторната комисија за енергетика на прашањето на „Слободен печат“ за идните предвидувања на цените велат дека во периодот што претстои цената на енергенсите ќе биде под притисок од одлуката на ЕУ да ја затвори главната цевка за проток на руски гас преку Украина, со што ќе ги активира максимално останатите алтернативни цевководи за доток на природен гас.

– Промените кај еден енергенс, предизвикуваат ценовна дисторзија и кај останатите. Пазарот е динамичен и комплексен и не може со сигурност да се предвиди ценовната флуктуација. Инаку, анализата на берзанските цени покажува дека инвестициите во обновливи извори на енергија, особено во фотонапонски централи резултираат со пониски цени на електрична енергија во текот на денот кога има сонце. Сепак, треба да се има предвид дека постојат повеќе фактори што ја детерминираат цената освен понудата и побарувачката. Во изминатиот период сведоци сме на драстично зголемени цени во регионот, поради таканаречено задушување на прекуграничните капацитети, за што ние заедно со Министерството за енергетика реагиравме до Енергетската заедница, додека земјите членки на ЕУ од регионот алармираа во Брисел – изјавија од Регулаторната комисија за енергетика.

Обновливите извори на енергија, односно производството на електрична енергија од обновливи извори е уредено во Законот за енергетика. Во текот на 2023 година се изготви нов Предлог-закон за енергетика и Предлог-закон за обновливи извори на енергија. За првпат обновливите извори на енергија ќе бидат издвоени со посебен закон, што е случај во многу земји во регионот. Со овој нов Предлог-закон ќе се транспонира Директивата 2018/2001 за промоција на користењето на обновливите извори на енергија, која е дел од Пакетот на ЕУ за чиста енергија.

 

Со овој текст, Слободен печат се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот