Вештак од Словенија сведочи дека тројца пациенти биле лекувани со погрешни лекови на Онкологија
Пациентка со рак на јајници примала цетуксимаб на државна Онкологија без индикација и поради ова болеста ѝ напредувала што било видливо од петскенот, сведочи во судница вештакот од Словенија Маја Равник.
Препорачано
Друг пациент со рак на црниот дроб, бил лекуван со пембролизумаб лек за кој нема индикација, рече таа во судница.
-Целокупното лекување со имунотерапија и хемотерапија без индикација, докажано водело кон напредување на болеста што е констарирано со документацијата кај овој пациент, истакна Равник.
Според неа терапијата била давана во различни дози кои не се согласно протоколите.
За трета пациентка која имала рак на дојка вештакот сведочеше дека ѝ бил даван пертузумаб, без тој лек да има примена кај видот на ракот.
За оваа пациентка вештакот тврдеше дека неиндицираната и несоодветната терапија кај пациентката била неефикасна, болеста била неконтролирана и водела во смрт и влошување на состојбата.
– Со оглед дека таа примила хемотерапија една седмица пред смртта можам да заклучам дека хемотерапијата ја забрзала смртта, рече Равник.


