Велосипедистите бараат сите улици во Скопје освен булеварите да бидат Зона 30

Фото: Архива

Од „На точак“ велат дека возењето приспособено на условите во населено место спасува животи, а брзината убива, па затоа доколку некој свесно вози побрзо од дозволеното низ населено место, треба да одговара за убиство со умисла.

Големиот број сообраќајни несреќи во кои за жал има и жртви, меѓу кои и пешаци и велосипедисти, како последица на неприлагодената брзина на дел од возачите, се причина поради која велосипедистите подолго време бараат надлежните да воведат т.н. Зона 30 на што е можно поголем број улици. Според нив, ограничувањето на брзината на 30 километри на час е решение на сите овие проблеми.

Од граѓанската иницијатива „На точак“ сметаат дека цело Скопје (освен булеварите) треба да стане Зона 30, а на булеварите не смее да се вози повеќе од 50 километри на час.

Возењето прилагодено на условите во населено место спасува животи, а брзината убива. Знаејќи го тој факт, ако некој свесно вози побрзо од дозволеното низ населено место, треба да одговара за убиство со умисла. Полицијата мора да се ангажира и да ги впрегне сите човечки и технолошки потенцијали да не постои еден некaзнет што надминал 50 километри на час. Градот мора да ги дизајнира булеварите со потесни ленти (максимум 3 метри) и помали радиуси на свртување кои одговараат на брзини до 50 километри на час, а не на брзини до 90 километри на час. Исто така може да употреби и мерки за смирување на сообраќајот соодветни за булевари. Градот мора да го изработи и документот Визија Нула – стратешки документ за нула жртви во сообраќајот, за чија изработка гласаше Советот пред еден месец – велат од „На точак“.

Велосипедистите бараат општините под итно да ги прогласат сите свои улици за Зона 30.

Порастот на брзината експоненцијално ја зголемува шансата за фатален исход. При брзини од 30 километри на час шансата за преживување е 90 отсто, при 50 километри на час, шансата за преживување е 60 отсто, при 60 километри на час се намалува на 20 отсто, а веќе за брзина над 70 километри на час, шансата за преживување на пешак е 0 отсто – информираат од „На точак“.

Кога станува збор за воведување Зона 30 на улиците, тие иако ги има во главниот град, сепак според вљубениците во велосипедизмот се во многу помал број отколку што реално би требало да ги има.

Од Општина Кисела Вода велат дека тие како локална самоуправа ги поддржуваат сите иницијативи што го унапредуваат слободното движење на сите категории учесници во сообраќајот, вклучително и велосипедистите.

Сепак, утврдувањето на дозволената брзина за движење не е во надлежност на Општина Кисела Вода, но како локална самоуправа, преземаме активности за подигнување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, односно интензивно работиме на унапредување на инфраструктурата што ја користат велосипедистите – велат од оваа скопска општина.

Од Општина Карпош, пак, велат дека е потребно да се почне иницијатива за воведување Зона 30 од жителите на општината, но и од општинската администрација, и да се достави до Секторот за Сообраќај на Град Скопје.

Што се однесува до контактите со групата ентузијасти за подобро велосипедско Скопје „На точак“, досега тие не оствариле средба со  Секторот за уредување на градежно земјиште и комунални работи, иако имаа неколку контакти со претходното раководство на локалната власт. Сепак, во насока за конструктивно решение на барањето, според нас, може да се спроведе работилница од сите засегнати страни, граѓаните, општинската администрација, претставници од групата „На точак“, стручни лица од Градот (сообраќајни инженери) и претставници од Секретаријатот за внатрешни работи надлежни за сообраќај, на која би се нашло оптимално решение за остварување на целта – велат од Општина Карпош.

Оттаму, за предлог на улици на кои би се имплементирала Зона 30, ги посочуваат улиците Московска, Љубљанска, Манапо, како градски улици, како и улиците што се под нивна надлежност односно Бледски договор, Париска, Прашка, Варшавска, Букурешка и други на кои е возможна техничка изведба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот