Ван Дајк жесток по поразот: „Го изневеривме тренерот, во Ливерпул нема место за оние што се предаваат“
Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, упати жестока критика кон тимот по шокантниот пораз од Нотингем Форест на „Енфилд“, истакнувајќи дека играчите не покажале борбеност и дека ја изневериле довербата на тренерот.
Препорачано
„Дефинитивно го изневеривме тренерот, но и самите себе. Прво мораш да се погледнеш во огледало, а потоа да видиш како можеш да им помогнеш на другите да излеземе од овој хаос. Зашто во моментов – ова е хаос, и тоа е факт“, изјави холандскиот дефанзивец.
Ван Дајк додаде дека во клуб како Ливерпул нема место за играчи без борбен дух.
„Како шампиони не смееме да бидеме во ваква ситуација. Прашањето е што ќе направиме за да го смениме тоа. Ќе се обидеме да ја свртиме сезоната – тоа е менталитетот што сите мора да го имаме“, порача капитенот.
Тој откри дека атмосферата во соблекувалната по поразот била напната:
„Имаше лутина и бес – и треба да има. Секој мора да преземе одговорност. Не знам дали сите го прават тоа, но мора да го направат. Тоа е основно.“
Ван Дајк беше особено разочаран од лесните примени голови и лошиот менталитет на екипата:
„Примаме премногу голови, губиме дуели… Сите сме одговорни. Не можеш да губиш дома со 3:0. По првиот гол настапи паника, а тоа е недозволиво. Второто полувреме го почнавме катастрофално. Тоа е тешко за прифаќање.“
И покрај серијата лоши резултати, капитенот истакна дека нема намера да се предаде:
„Не сум човек што се предава. Никогаш нема да се предадам. Ќе продолжам да се борам без разлика колку е тешко.“
Ливерпул во Премиер лигата сезонава има по шест победи и порази, со гол-разлика која е негативна – примиле 20, а постигнале 18 гола. Тимот веќе испадна од Лига купот, а во Лигата на шампионите има три победи и еден пораз, пред средбата со ПСВ што следи во среда.


