Увидот за електричната инсталација во модуларната во Тетово не можевме да го извршиме оти објектот беше поплосан, кажаа вештите лица на судењето

Фото: Слободен печат

Во однос на електричната инсталација, ние бевме на лице место во модуларната, но поради тоа што целосно беше опожарен објектот, за жал не можевме да извршиме увид, сведочеше вештакот Влатко Стоилков од Електротехнички факултет Скопје.

Според неговиот исказ кој денеска го даде на судското рочиште за случајот модуларна болница Тетово во која живи изгореа 14 пациенти, напојувањето со струја за модуларната болница било согласно проектот.

„Напојувањето со струја било согласно прописите. Во однос на инсталацијата, увидот не можевме да го направиме на лице место во самата модуларна болница во Тетово оти беше целосно опожарена. Ние направивме увид во две други модуларни болници во Гостивар и Кавадарци, во кои извршивме проверка дали опремата одговара на проектот и утврдивме дека модуларните болници се изведени согласно законот“, сведочеше вештакот Влатко Стоилков од Електротехничкиот факултет Скопје.

На рочиштето свои искази дадоа две медицински сестри, кои како сведоци ги повика одбраната на третообвинетиот, доктор Бобан Вучевски.

„Јас не можам да ви кажам кој бил раковидител на модуларната болница. Мене ми се јави главната сестра и ми рече дека ќе бидам ангажирана во модуларната болница. Јас имав забележано противпожарни апарати, а на влезната врата на модуларната, пишуваше забранет влез, сведочеше една од медицинските сестри.

„Премногу бевме ангажирани, мислам дека во собата од медицинскиот персонал имаше ПП апарати и имаше на влезната врата на модуларната болница натпис забранет влез, сведочеше друта а медицинска сестра.

И денеска пред судското рочиште, тетовци со мирен протест пред тетовскиот суд со подршка за третообвинетиот доктор Бобан Вучевски.

Фото: Слободен печат

„Да дадеме поддршка на докторот, цела јавност знае дека не е виновен треба некој друг да одговара, знаеме дека докторот во цела пандемија што се има направено за пациентите, неуморно работеше, а сега се суди невин човек. Вината да се бара кај други луѓе што ги донесоа тие бараки неисправни, човекот знаеме кој е и сега да се суди треба тој што ги донесе тие бараки,“ изјави еден тетовец.

„Целосна поддршка за докторот, сите знеме кој е тој доктор, тој бил со пациетите 24 часа и сметаме дека е неправедно обвинет. Не може болницата ако е исправна за толку кратко време целосно да изгори. Докторот го направија како жртвено јагне, само за да се оправдаа пред семејствата на загинатите еве ја започнавме ние судската постапка“, додаде една тетовка.

Следното судење е закажано за 6 април, на кое ќе сведочат сведоци на одбраната. Следуваат завршните зборови, а потоа и објавување на пресудата.

Во случајот модуларна болница, тетовското Обвинителсво ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот