Уставен суд ќе заседава „под опсада“: Многу врева и закани за одредби за јазикот што не заживеаја

ДУИ, шатори, Уставен суд Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Лидерот на Дуи Ахмети во шаторите пред Уставен побара Судот да ги отфрли поднесените 13 иницијативи за оспорување одредби во Законот за употреба на јазиците, во спротивно се закани дека ќе нема мир со повик „далеку рацете од промената на Законот за јазиците“, а премиерот Мицкоски повикува на смиреност бидејќи „целата ситуација е под контрола“

Уставниот суд под опсада од „стражата за јазикот и разумот“ од ДУИ и Европскиот фронт, утре под невиден политички притисок треба да расправа за уставноста на Законот за употреба на јазиците. Јавноста деновиве сведочи на закани по мирот и безбедноста на државата ако се чепне албанскиот јазик, упатени од лидерите на ДУИ и на Алијанса за Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села. Но, сведочи и на смирувачки тонови од премиерот Христијан Мицкоски дека ништо нема да се случи зашто Уставниот суд одлуката може да ја донесе и по неколку години, преку повици Уставен да се одважи да го укине законот – од дел подносители на иницијативи пред Судот, до апели од претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова – политиката да не се меша во правосудството и Судот да си ја заврши работата според својата надлежност. Уставниот суд одби да ги коментира заканите и политичките ставови, но и документот што протече во јавноста, а според кој Судот денеска ниту ќе го укине ниту ќе ја запре примената на Законот за употреба на јазиците.

Премиерот повтори дека на седницата на Уставниот суд ништо нема да се случи, а за изнесените документи рече дека на раководството на ДУИ „многу им е јасно како функционира судот“ и дека „во детали ги бирале судиите“.

Христијан Мицкоски Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

– Во ДУИ точно знаат дека за да дојдеме до конечно решение, какво и да е, најпрвин треба надлежниот судија да им објасни на колегите, па следува јавна дискусија и расправа и подготвителна седница. Уставниот суд може да работи на Законот за јазици неколку месеци, па и години. Нивната цел беше сега, како политички глодари да начекаат и да видат дека „еве сега знаеме како одат процедурите и ние ќе правиме политички притисок“. И кога утре ништо нема да се случи, да излезат во јавноста и да кажат, еве, поради тоа што ние правевме притисок, се одложи сето ова. Ним многу им е јасно како функционираат работите. Ги молам нашите сограѓани Македонци, Албанци и сите да бидат смирени, целата работа е под контрола и да не дозволиме да наседнуваме на провокациите на овие луѓе. Не ни е потребно. Тие луѓе завршија на 8 мај. Ништо нема да се случи. Целата ситуација е под контрола – рече Мицкоски.

Тој не одговори каков е неговиот личен став или ставот на партијата за Законот за јазиците со образложение дека тој на јавноста ѝ е познат и додаде дека Венецијанската комисија кажала дека три члена од Законот се неуставни и треба да се променат.

Али Ахмети, лидер на ДУИ Фото: Ахмети Фејсбук

ДУИ и вчера потсети на „историското значење на одлуката што Уставниот суд треба да ја донесе“ и повторно ги повика сите граѓани и институции да ја поддржат заштитата на тие достигнувања, без да дозволат напорите за правда и еднаквост да бидат нарушени.
Претходно Ахмети во шаторите пред Уставниот суд побара Судот да ги отфрли поднесените 13 иницијативи за оспорување одредби во Законот за употреба на јазиците, во спротивно се закани дека ќе нема мир со повик „далеку рацете од промената на Законот за јазиците“ – порача Ахмети.
Тој му се обрати и на премиерот Мицкоски од кого, како што рече, очекувал да излезе и да каже дека е за соживот, дека го почитува албанскиот народ и да го унапреди албанскиот јазик и во меѓународна употреба.

– Затоа почитувајте го Охридскиот рамковен договор и немојте да допирате во сржта на Албанците затоа што не е добро ниту за вас ниту за нас. Оваа држава е заедничка и не може да има само една страна што ќе доминира – рече Ахмети.

Наспроти Ахмети, лидерот на Левица Димитар Апасиев побара Судот да го укине Законот. Тој како подносител на инцијатива за оцена на уставноста на Законот за употреба на јазиците рече дека има четири основи по кои овој закон мора да биде поништен. Според него, уставните судии мора да покажат кредибилитет и да се повикаат само на сопствената судска практика досега, без да навлегуваат во материјална оценка на Законот.

Апасиев Фото: Принтскрин

СДСМ, пак, внимателно ја следи состојбата со Законот за употреба на јазиците и закажаната седница на Уставниот суд и порача Судот да си ја заврши работата.

Пред денешната седница на Уставниот суд, бојкот најавија двајцата судии Албанци, што ќе значи дека Судот ќе заседава со седум наместо со девет судии. Ова, пак, како што веќе информира владејачката Вреди, е доволно за нив одлуката што ќе ја донесе судот да биде нелегитимна.

Во документот од Уставен, кој го објави „360 степени“, препораката на судијата известител е „Судот да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците“. Според известителот, „содржината на оспорениот Закон за употреба на јазиците во целина ја имаат својата уставна основа и оправданост во амандманот V на Уставот на Република Северна Македонија. Оттука, сметаме дека не може да се поведе под сомнение неговата уставност ниту во поглед на овој амандман, ниту со член 51 ставовите 1 и 2, член 8 став 1, како што е наведено во иницијативите“.
Според ова, нема да се поведе постапка за оценување на уставноста на Законот во целина и нема да се запре ниту спроведувањето на законот со носење т.н. времена мерка.
Се предлага Судот да ги отфрли и иницијативите што го оспоруваат указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците, кој не доби потпис од претседателот на државата Ѓорге Иванов, но законот беше објавен во „Службен весник“ и стапи на сила само со потписот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Судијата известител укажува на несоодветна употребата на изразот албански јазик и тоа во заграда на две места во Законот, а се предлага да се поведе постапка за одредби од Законот поврзани со симболите на парите и водење на судските постапки.

По донесувањето на Законот за употреба на јазиците, Венециската комисија во 2019 година ја повика Македонија да го преиспита Законот и препорача да ги укине одредбите за двојазичност во судските постапки. Аргументите на Венециската комисија се совпаѓаат со тие коишто сега во документот ги користи Уставниот суд, односно дека добредојдено е почитувањето на јазичните права, но не и ако се воведуваат неспроведливи одредби. Комисијата забележува и дека на законот му недостасува јасност за тоа кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите малцински јазици.

Сиљановска: Заканите на Ахмети се партиски, лични и субјективни

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова заканите на Ахмети ги оцени како партиски, лични, субјективни.

Сиљановска-Давкова Фото: Принтскрин

– Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар. Најмалку што може да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи во согласност со Уставот и деловникот – рече Сиљановска-Давкова.

Агелер: Се надевам дека ниту една политичка партија или личност не би работела на дестабилизација на својата земја

Амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер во врска со безбедноста на државата и најавите за дестабилизација рече дека навистина се надева дека ниту една политичка партија или личност не би работела на дестабилизација на својата земја, зашто не гледа дека тоа може да биде во нечиј интерес, а особено не во интерес на граѓаните на земјава.
Прашана за стабилноста на земјава и дали разговарала со владини претставници за можна дестабилизација, Агелер кажа дека секојдневно зборува со претставници на Владата, бидејќи тоа ѝ е работа, но дека не се сеќава на разговор конкретно за тоа.

Анџела Агелер Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

– Затоа и имам фотографии со поранешни функционери, бидејќи тоа ми е работа. Разговарав со премиерот синоќа, веднаш по објавувањето на новите имиња на црната листа и му ги пренесов објавите, а денеска повторно разговаравме. Навистина се надевам дека ниту една политичка партија или личност не би работела на дестабилизација на својата земја. Не гледам дека тоа може да биде во нечиј интерес, а особено не во интерес на граѓаните на оваа земја, изјави Агелер, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за проширувањето на „црната листа“ на Стејт департментот на САД.

Според неа, улогата на лидерот, без разлика дали во владејачката коалиција или во опозицијата, треба да биде во насока на обезбедување стабилна, безбедна и просперитетна Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот