Сензорна соба за деца со аутизам, ќе биде отворена во градинката „11 Октомври“ во Радишани

Градинката „11 Октомври“ во населбата Радишани ќе добие сензорна соба. Во собата ќе се третираат деца со развојни нарушувања и аутизам, а со нив ќе работи стручен тим составен од дефектолог, педагог, психолог, логопед и воспитувачи. Ова денеска го најави Градот, кој собата ќе ја отвори во соработка со Општина Бутел.

Целта на отварање сензорна соба, како што се вели во соопштението од Град Скопје, е да се одговори на потребите на децата со развојни нарушувања и аутизам, како и да се подобри квалитетот на живот на децата и нивните семејства. Раниот и предучилишен период е клучен за развој на сензорната интеграција.

Сензорната соба ќе биде со површина од над 60 квадратни метри, со адаптиран тоалет за лица со попречености и одвоен влез од влезот што вообичаено се користи. Услугите во сензорната соба ќе може да ги користат децата од територија на општина Бутел. Работата со децата се изведува преку индивидуален пристап, а дневно ќе може да се опфатат 10 – 12 дечиња. Во собата за сензорна интеграција се предвидува и примена на музикотерапија.

Собата ќе биде опремена со меки подови и ѕидови, интерактивна туба со вода, топчиња и меурчиња кои плутаат, ротирачка диско-топка, сноп од светлечки оптички влакна, рефлектор, огледални фолии кои го зголемуваат ефектот на целата преостаната опрема, аеросол-ароми за аромотерапија, вибрациона музичка фотелја, подлога во вид на перница, UV-ламба, кружен балансер со масажер и други елементи што треба да ги задоволуваат светските норми и стандарди за квалитет.

Град Скопје за оваа намена издвои буџет во висина од 700.000 денари за опремување на сензорната соба, а одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Бутел за финансиско учество за опремување на сензорна соба ќе биде на дневен ред на наредната седница на Советот на Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот