Усјанскиот канал е покриен, сега ѓубрето се фрла околу него – уште една огромна депонија во Скопје
Дивата депонија е една од поголемите во однос на сите ѓубришта што во изминатиот период ги наоѓа „Слободен печат“ низ Скопје, тука може да се забележат голем број расфрлани автомобилски гуми, двоседи, фотелји, а исто така огромна е количината градежен шут што е исфрлен на оваа локација. Единствено чист е новиот пат што води над Усјанскиот канал
Жителите на Горно Лисиче во изминатиот период имаат сериозен проблем со огромната депонија што од ден на ден сѐ повеќе се зголемува, а е сместена на улицата „Ѓорѓе Андреевиќ Кун“, која е во непосредна близина на најголемата улица во населеното место, главната сообраќајница „Горно Лисиче“.
Препорачано
Со оглед на нејзиниот обем, депонијата е видлива за сите граѓани што минуваат по главната улица, а ѓубриштето е сместено околу просторот каде што до пред некоја година беше сместен Усјанскиот канал, кој сега е покриен.
Каналот е од неодамна затворен, сега ѓубрето се фрла околу него
Жителите на Лисиче со години, ако не и со децении, чекаа да биде покриен поради ужасната смрдеа и еколошкиот проблем што го создаваше, сега е затрупан и над него има пат, но околу него денес има едно огромно ѓубриште „распослано“ на зелената површина.
Усјанскиот канал е долг 3,6 километри и минува низ селата Сопиште и Усје, а потоа и низ населбата Горно Лисиче, од каде што потоа се влева во Вардар.
Главната улога на овој канал е да ги собира атмосферските води од неколку суводолици од планината Водно, како и водите од повеќе атмосферски колектори од територијата на општините Кисела Вода и Аеродром.
Претходно, затворањето на Усјанскиот канал го најавуваше уште ексградоначалникот на Скопје Петре Шилегов, кој во својот мандат не успеа да го исполни ова ветување кон лисичани, а по него Данела Арсовска во 2023 година го започна проектот за целосно покривање на ужасниот и со години депонираниот канал.
Тогаш, градоначалничката Арсовска сметаше дека на овој начин, со покривање на каналот ќе се реши, како што велеше, еден од најголемите еколошки и комунални проблеми во Скопје.
– Со овој проект се разрешува еден од најголемите комунални и еколошки проблеми во Скопје, кој има директно влијание врз жителите што со децении истакнуваат дека овој канал претставува потенцијална опасност од ширење заразни болести. Покривањето на овој канал пред локалните жители е ветувано со години, а сега овој проект е реалност – рече тогаш Арсовска.
Денес каналот е целосно покриен, но и покрај оваа акција на Градот, несовесните граѓани само го промениле местото каде што нелегално ќе го депонираат својот отпад – наместо во канал, сега на зелената ледина околу него.

Местото е огромно, а миризбата што владее таму е ужасна, ако се земе предвид дека на оваа локација се собирал секаков тип отпад – тековен, градежен, кабаст и слично.
Дивата депонија е една од поголемите во однос на сите ѓубришта што во изминатиот период ги наоѓа „Слободен печат“ низ Скопје, а тука може да се забележат голем број расфрлани автомобилски гуми, двоседи, фотелји, а исто така огромна е количината градежен шут што е исфрлен на оваа локација. Единствено чист е новиот пат што води над Усјанскиот канал.
Жител на Лисиче за „Слободен печат“ вели дека пред да се затвори каналот, местото било валкано, но не било претворено во депонија бидејќи сиот отпад бил исфрлан по водениот тек, но откако каналот е затворен, ѓубриштето во изминативе неколку години значително се зголемило.
– Ние со години баравме затворање на Усјанскиот канал поради ужасната миризба, огромната количина отпад што на дневна база завршуваше во водата и заразите на кои постојано бевме изложени. Каналот некако го затворија, иако беше со огромно задоцнување, а оттогаш на локацијата околу него се оформи огромна депонија. Еден еколошки проблем решија, сега се појави нов, ова мора да се прекине, местото да се исчисти и да се заштити од несовесните граѓани, кои веројатно не ни живеат во близина на Лисиче – коментира тој.
„Слободен печат“ испрати прашања до Општина Аеродром зошто местото е оставено „без стопан“ поради што се претворило во огромна депонија и дали имаат план за целосно чистење на ова ѓубриште и негова целосна ревитализација, но оттаму до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Очигледно по затворањето на каналот, ова место станало омилена локација на несовесните граѓани поради отсуството на надзор или евентуална пренамена на овој неискористен простор од страна на Градот и Општината, поради што оваа локација, за жал, се претвори во уште едно огромно и нерегулирано ѓубриште.


